Имам проблем со вистината затоа што владеачките елити имаат проблем со лажењето

“Можете да ги лажете сите некое време и некои од луѓето цело време, но не можете да ги лажете сите луѓе цело време.”
Славната изрека на Абрахам Линколн, кај нас може да се сведе на ” Може да ги лажете сите луѓе цело време.” Јавноста е до толку отупена и на луѓето им е дојдено преку глава од трката по обезбедување егзистенција, па нити обрнува веќе внимание на постојаните лаги на владеачките елити. Еве завчера првпат добивме датум за преговори со ЕУ, освен еднаш во 2018, и уште еднаш во 2019, а можеби и во 2020?! И секоја година по двапати, во јули и декември, ни ја продаваат истата приказна, а за тоа плаќаат висока цена, продажба на националните интереси. Сè за неколку фотографии со европските бирократи, сечење торта, коктелче, дигнат палец во авион… Холивудски филм. А тоа пусто, чекмеџето празно, па се тргува со националните интереси само за да се добие некое кредитче за продолжување на владеењето.

Во вторникот повторно добивме датум, а очекувано во средата беше изгласан ребалансот на буџетот за 2022. Сега е време да ги слушаме истите флоскули како и секоја година – ќе има за поголеми пензии, плати, субвенции… можеби купување на избори?! Кажете ми како со ребаланс на постојната маса на пари ќе обезбедите повеќе трошење за плати, пензии, субвенции и слични тракатанци, ако не редуцирате трошење на други важни области во општеството, како на пр. здравство, образование, капитални инвестиции?! Или ќе се задолжите во име на граѓаните. За тоа оваа влада е експерт.
Проблемот кај нас е што се случуваат и двете работи. Се крати од ставките за образование, здравство и капитални инвестиции, но и се зголемува долгот. Последниот ребаланс не е ништо поразличен од претходните години, па така продолжува растрошноста на оваа влада во услови на голема енергетска, економска и финансиска криза. Неподнослива леснотија на расфрлање со народни пари. Вистинска лудост е во ваква економска неизвесност да кратиш секаде, само не кај себе. Затоа не чудете се на ваквата вазалска политика на владата. Оној што е презадолжен не може да води независна политика. Така е во реалниот живот, така е и во државните работи.
Со оглед на фактот дека не сме удостоени од надлежното министерство со една сублимирана анализа на измените во буџетот, како да се работи за нивни а не за народни пари, во табелата подолу погледнете ги главните параметри на ребалансираниот буџет. Зголемен дефицит за 151 милиони евра, со што вкупниот дефицит ќе достигне скоро 700 милиони евра, а намалени капитални инвестиции за 100 милиони евра. Трошењето на владата се зголемува за 261 милиони евра. Ова е веќе трета година на висок буџетски дефицит, кој никако да се врати во нормални рамки од 3% од БДП. Бунар без дно.



Но, она што најмногу го остава човек запрепастен се лажните податоци од Министерството за финансии за јавниот долг како процент од БДП. Полека но сигурно, МФ постанува министерство за лаги. Па така, на нивната официјална страница може да се најде податокот дека вкупниот јавен долг на Македонија изнесува 7 милијарди и 170 милиони евра, односно 54.9 % како процент од БДП.



Ваков процент на јавен долг, одговара на 13 милијарди и 60 милиони евра бруто домашен производ, што е тотално погрешен податок само за да се замајуваат граѓаните дека ни цветаат рози. Или можеби кредиторите. Но, чепкајќи малце по нивната интернет страница, ќе најдете податок дека БДП во 2021 година изнесувал 11 милијарди и 759 милиони евра. Математиката е егзактна наука, јавниот долг пресметан врз основа на овој податок изнесува 61% од БДП. И тоа не е сè. Ако на јавниот долг го додадеме овогодинешниот дефицит од 700 милиони евра, кој ќе биде финансиран со задолжување, јавниот долг ќе достигне 7 милијарди и 870 милиони евра, или 67% од БДП. Кој лаже тој и краде!
Автор: Стефчо Негриески