Дуплиран албанскиот извоз во Македонија, најмногу сме увезувале раноградинарски производи

Албанскиот Институт за статистика објави дека во првите три месеци од годинава, споредено со истиот период минатата година, за над двапати е зголемен албанскиот извоз во Република Македонија.
Според ИНСТАТ, во периодот јануари-март, во Република Македонија извезена е стока во вредност од околу пет милијарди лека (40 милиони евра).
-Според ИНСТАТ, во споредба со истиот квартал од 2021 година, извозот е зголемен за околу две милијарди леки. Во првиот квартал од оваа година, увозот се зголемил за 1,4 милијарди леки, достигнувајќи 3,6 милијарди леки (29 милиони евра), наспроти 2,2 милијарди леки во првиот квартал од 2021 година, пренесува државната новинска агенција АТА. Со ова Македонија остварила дефицит од 11 милиони евра во првиот квартал од 2022 година.
Она што најмногу се извезува во Република Македонија се главно свежи земјоделски производи: домати, краставици, свежа риба, свежо јужно овошје, тестенини и друго.
– Албанија и Република Македонија тесно соработуваат во рамки на спроведувањето на договорот ЦЕФТА од 2006 година. Трговијата меѓу двете земји е либерализирана од 2011 година, кога беа отстранети царинските тарифи, наведува агенцијата.