јуни 6, 2023

ЕУ не постигна договор за ембарго на рускиот гас и нафта

Трговскиот блок планираше да воведе санкции за увозот на нафта и природен гас, но договор не е постигнат. Министрите за надворешни работи на Европската унија не се договорија за забрана за увоз на руска нафта и природен гас, изјави денес шефот за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, додавајќи дека дискусиите за ова прашање ќе продолжат.

Забраната за увоз на овие енергенти се очекуваше да биде дел од последниот пакет санкции на ЕУ против Москва. „Разговаравме, пред сè, како да се обезбеди ефективност на постоечките санкции за да се избегнат празнините во нивното спроведување. Но, разговаравме и за нови чекори што можеме да ги преземеме, вклучително и санкции за увоз на нафтата и гасот“, рече Борел. „Не донесовме одлуки за такви санкции, се договоривме да ја продолжиме дискусијата.

Додека Европската унија договори бројни санкции против Москва, земјите-членки се расправаат околу забраната за увоз на руски енергенти. Тоа е затоа што многу земји од ЕУ се силно зависни од истите. Така, Унгарија стави вето на целосната забрана за увоз на руски гас, велејќи дека тоа е единствената опција, бидејќи земјата е без излез на море и нема да може директно да прима течен гас од САД. Борел ја истакна важноста земјите од ЕУ да станат помалку зависни од руската енергија, тврдејќи дека купувањето гас од Москва е „финансирање на војната“. Тој, сепак, призна дека е невозможно да се намали зависноста од 55 отсто од рускиот гас преку ноќ, мислејќи на ситуацијата во Германија, која веќе предупреди на претстојниот „колапс“ на нејзината економија. Сепак, шефот за надворешна политика на ЕУ инсистира на тоа дека блокот мора да ја намали зависноста од енергентите од Русија што е можно побрзо и предлага да започне со нафтата, бидејќи е полесно да се замени и има повеќе од неа.

Москва во моментов испорачува околу 40 отсто од целиот гас што го користат земјите на ЕУ и обезбедува околу една третина од нивните потреби за нафта.

За авторот

Сподели