мај 17, 2022

ЕЛЕМ со понуда за принуден одмор до вработените

АД ЕСМ, во договор и со поддршка на Синдикатот, донесе одлука да им се овозможи на вработените доброволно да се пријавуваат за прекин на работниот процес од деловни причини, за период од најмногу два месеци, односно во период на траење на енергетската криза, со исплата на 70 отсто од месечната плата на работникот, стои во соопштението од компанијата.

„Можноста ќе важи за работниците кои се на работни места кои не се неопходно и најдиректно вклучени во производството на електрична енергија и на одлуката ќе и претходи одобрение од раководно лице. Целта на мерката е да се намалат трошоците во услови на криза. Мерката првично беше конципирана како задолжителна, но со зголемување на обемот на обврски со кои Владата на Р. Македонија го задолжи АД ЕСМ во услови на енергетска криза, се појави потреба од прераспределба на вработените со цел извршување на новозададените деловни обврски, стои во соопштението.

Додаваат дека АД ЕСМ во текот на кризата со електрична и со топлинска енергија го снабдувала ЕВН Хоум со 100 отсто од електричната енергија потребна за домаќинствата и малите потрошувачи, и дополнително го прошири својот обем на работа, интегрирајќи и други енергетски субјекти во својот систем, како ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО, менаџирањето со БЕГ и Скопје Север и снабдување на електрична енергија за системските загуби во мрежа на ЕВН и МЕПСО.

Сподели