мај 17, 2022

Русија го зголеми извозниот данок на пченица на историски највисоко ниво

Царината ќе надмине 100 долари по тон за прв пат досега.

Русија го зголеми данокот за извоз на пченица на 101,4 долари по тон, за периодот од 13 до 19 април, објави во петокот Министерството за земјоделство на земјата. Ова е првпат Русија да ја зголеми својата извозна давачка за пченица на над 100 долари, јавуваат медиумите. Надоместокот е во пораст четири недели по ред, откако паѓаше девет недели пред тоа.

Министерството, исто така, го зголеми извозниот данок на јачмен и пченка на 75,4 и 70,6 долари за тон, соодветно. Според Александар Корбут, потпретседател на Руската унија за жито, руските извозни давачки за жито најверојатно дополнително ќе растат. „Тие се зголемија и поради геополитичките ризици и поради лошата ситуација со состојбата со зимските култури во Соединетите држави. Иако се чини дека ситуацијата сега се подобрува и цените постепено паѓаат, радикален пад е малку веројатен и се приближуваме до извозните цени од 400 долари за тон. Затоа, сосема е природно давачката да биде значително повисока од сегашната“, изјави тој за новинската агенција Интерфакс. Цените на пченицата минатиот месец се искачија на повеќегодишни највисоки нивоа поради стравувањата од можно нарушување во снабдувањето со жито поради тековната воена операција на Русија во Украина. Двете земји се главните снабдувачи на пченица во светот, со околу 30% од глобалниот извоз.

Сподели