Кој ќе ја плати фактурата за војната

Да прашаш кој победи во некоја војна, е како да прашаш кој победил во некој катастрофален земјотрес?!
Затоа е чуден наративот на сите оние кои гледаат од страна и дополнително долеваат бензин на огнот. Па така, де Русија има огромни логистички проблеми затоа што нејзините тенкови останувале без нафта по украинските житници, де украинската армија се држела неочекувано добро па го успорила напредувањето на руската, де ќе се донесе некоја декларација за декларативна поддршка без никаков ефект, де па ќе се донесе одлука за донација на застарено оружје од страна на ЕУ на Украина, секако без никаков ефект на бојното поле, но кислородна поддршка на веќе разгорениот оган. А најсмешно од сé, ако нешто може да биде смешно во оваа ситуација, се извештаите од теренот како Украинците подготвуваат молотови коктели за борба против страшната воена машинерија, или како на цивилите им се делат стари калашникови, со кои веројатно сами ќе се убијат. Демек кој е храбар ќе се снајде и со тоа. Невидени глупости. А, сè што требаше да направат е вложување дополнителни напори за да се седне Путин на маса и пред да падне првата граната на украинска територија. Од сите тие преплатени ЕУ бирократи, и дипломати, и комесари, само две бледи посети на Русија, на Макрон и Шолц. Јалово господа. Ние во Македонија убаво ве знаеме, нам 20 години ни подавате скапан морков. Украинците веројатно уште ќе ве учат.
Господа од ЕУ и цел наводно прогресивен свет, може ли мравка да победи слон? Вашето држење во овој конфликт ми дава за право да заклучам дека единствен ваш интерес е да се клекне Русија на колена, а Украина да биде само една колатерална небитна жртва. Џабе стоечките овации во Европскиот парламент, дури и по некоја солза. Па така, воведувате разноразни санкции кои служат само за манипулација на вашата јавност. Украина не може никако да ја добие оваа војна. Вие можеби ќе ја ослабите економски Русија, но на крајот фактурата за оваа војна ќе стигне кај Европјаните, вклучително и во Македонија. И ние простете се сметаме за Европјани. Ако ни дозволите, нормално.
Кој финансиски ја плаќа оваа војна?
Одговорот е Европа. Без никаков сомнеж. На крајот на 2020 година 1 mwh природен гас чинеше 19 евра. Денеска, на 3 март 2022 година, 1 mwh природен гас на берзата во Будимпешта, чини неверојатни 172 евра. Или скоро 9 пати повеќе од крајот на 2020 година. Русија е најголем извозник на природен гас во светот, а ЕУ 45% од своите потреби за гас ги увезува од Русија.

Од друга страна, просечната цена на нафтата во 2020 година изнесуваше 40 долари за барел. Денес цената достигна 118 долари за барел, или 3 пати повеќе. Русија извезува 5 милиони барели нафта на дневна основа, и зголемената цена на берзите значи зголемување на приходот од нафта за фрапантни 390 милиони долари на дневна основа. Околу половина од својата нафта Русија ја извезува во ЕУ.
Нема потреба понатаму да елаборораме и за фактот дека Русија е еден од најголемите извозници на метали и минерали, од кои зависи и тешката индустрија во земјите од ЕУ. Цените и на овие суровини вртоглаво растат на светските берзи. Русија исто така е и најголем светски извозник на житарици, а цените на пченицата на светските берзи вчера скокнаа од 255 на 325 долари за тон.
Но, не помалку важна е хуманитарната катастрофа која следи. Некои експерти проценуваат дека 5 милиони Украинци ќе ја напуштат својата земја. Овие луѓе некој треба да ги згрижи и нахрани, а тоа повторно ќе бидат земјите од ЕУ.
Затоа, неразумно звучат санкциите на ЕУ кон Русија. Сега не е време да се докажува кој е крив, туку ЕУ со сета своја бирократска машинерија треба да е посредник помеѓу завојуваните страни. Вчера Турција одби да се вклучи во санкциите кон Русија од причина како што велат, дека некакви мостови на комуникација кон Русија мора да се одржат. Ова е патот кој што треба да го следи ЕУ, а иронија е дека им го покажува државата која 23 години е земја кандидат за тоа друштво. Не е можно дека никој во ЕУ не знае дека секоја војна завршува на маса. Колку побрзо толку подобро, оти сила Бога не моли!
П.С. Војна е девојка која нема милост ниту за еден свој љубовник!
Автор: Стефчо Негриески