јуни 5, 2023

Владата не е тукашна

Во услови на енормно поскапување на енергенсите, општините се доведени во ситуација да не можат да си ги платат сопствените сметки за струја. Реално, сметките за струја за субјектите коишто се на слободниот пазар се повисоки за 4-6 пати од претходно. На нивните апели за помош, односно барања за дотации од владата, таа се однесува игнорантски и некако со потсмев. Сите знаеме зошто е тоа така, но вистинското прашање е кој кого помага во реалниот живот?! Секако, локалните самоуправи, барем повеќето од нив, сносат мал дел од вината за лошата финансиска положба во којашто се наоѓаат, но главниот проблем е дека Македонија од 2004 година навака не успеа да спроведе суштинска децентрализација.

Што се подразбира под суштинска децентрализација? Секако, вистинска фискалана децентрализација. Парите треба да се трошат онаму каде се печалат. Во моментов, централниот буџет најмногу приходува од ДДВ и од персонален данок на доход. Но дали знаете колку од овие средства, кои реално се генерираат на локално ниво, остануваат во општинските каси?

Од вкупно наплатениот персонален данок, само 3% останува во општинските буџети, а другото заминува на сметката на Илинденска. Само една симулација за да биде појасно: Ако вашата плата изнесува 30 илјади денари, на име на персонален данок ќе платите отприлика 2300 денари. Од овие во општинската каса каде живеете и работите ќе се слеат само 35 денари, а остатокот ќе легне на сметка на централниот буџет.

Кај ДДВ-то тој процент е малку поголем и изнесува 4,5%. Па така, ако земеме дека една општина како Охрид, со сите свои активности годишно би генерирала промет од 200 милиони евра, со истото ќе генерира ддв од околу 30 милиони евра. Од овие силни милиони во општинската каса ќе останат само 1,35 милиони евра.

Од погоре изнесеното се надевам дека ви стана појасно каде лежи зајакот. Владата го собира скоро целиот арач, а на општините им фрла трошки. “И јаре и паре”. И затоа е зачудувачка оваа појава на молење од страна на градоначалниците кон владата, кога реално парите се прават на локално ниво.

Целта е локалните совети да ги направиме локални влади, а не да останат локална администрација, која турка проекти по желби од Илинденска. Затоа владата нека не се прави на удрена, затоа што таа живее на грбот на општините, а не обратно. Уште ни се свежи сеќавањата од 2019 година, кога владата го одврза ќесето и на општините им подели 50 милиони евра за покривање на долговите. Само тогаш градоначалниците беа “нивни”. Затоа под итно владата треба да стане тукашна, наша, народна, и со парите на општините да им помогне во пребродување на настанатата ситуација, за која тие воопшто немаат вина. Напротив.

Автор: Стефчо Негриески

За авторот

Сподели