ноември 28, 2022

Словенечката армија повика на доброволно служење воен рок: „Не фрлајте петарди, фрлете бомба“

ПРЕДУПРЕДУВАЊАТА за опасноста од пиротехника во деновите пред новогодишната прослава се вообичаени, а Словенците деновиве беа изненадени од објавата во која беа повикани петардите да ги заменат со бомби. На овој начин барем може погрешно да се протолкува поканата до младите кои се заинтересирани за доброволно служење во словенечката армија. Секторот за одбрана на Министерството за одбрана очигледно го напишал огласот многу несмасно, па бизарната двосмислена порака е повлечена по три дена, по првите оправдани критики кои се појавија во јавноста.

Објавата во меѓувреме е избришана

„Не фрлајте петарди! Пријавете се за доброволно служење во армијата, активирајте експлозив и фрлете бомба“, беше пораката објавена на Фејсбук профилот на армијата, а утрово беше симната од социјалните мрежи. Апелирањето до граѓаните да активираат експлозиви и да фрлаат бомби за да се ослободат од потребата да се фрлаат безопасни петарди е исто како да се повикуваат децата кои „пукаат“ во компјутерски игри да се посветат на вистинското оружје, велат некои од најжестоките критичари на социјалните мрежи. Некои други додаваат дека самиот промотивен гаф ја илустрира милитаризацијата на општеството што се случи за време на мандатот на министерот за одбрана Матеј Тонин, кој инаку ја води демохристијанската партија Нова Словенија (НСИ) во владата на премиерот Јанез Јанша.

Сподели