август 11, 2022

Путин обвинува: Германија го препродава рускиот гас седум пати поскапо

Претседателот на Русија Владимир Путин кажа вчера дека Германија го препродава рускиот гас на Полска и Украина наместо да го ублажува притисокот врз пазарот и додаде дека Москва не е виновна за цената на гасот во Европа.

Европските цени на гасот достигнаа уште еден рекорд неделава откако гасоводот Јамал, кој инаку го носи рускиот гас за греење на домовите и производството на електрична енергија во Германија, ја сврте насоката и почна да тече кон Полска.

Германија добива гас по неколку рути, вклучувајќи ги Јамал и подморскиот гасовод Северен тек 1, а два големи германски купувачи соопштија неделава дека рускиот снабдувач Газпром ги исполнува обврските од тие договори.

„Газпром ги испорачува сите количества кои се бараат врз основа на постоечките договори“, кажа Путин на годишната конференција за новинари.

Русија постојано ги брани своите долгорочни договори, зборувајќи дека гарантира стабилни количества и цени. Кога ќе ги види барањата, Газпром купува дополнителен извозен капацитет покрај долгорочните договори, на аукции за испорака преку гасоводот Јамал и Украина, пишува Ројтерс.

Газпром, меѓутоа, неделава сè уште не резервирал дополнителни капацитети за испораки преку Јамал за декември или на дневни аукции, а транзитот преку тој гасовод вчера продолжил во обратна насока трет ден, додека испораките преку Украина се исто така намалени.

„Газпром не го резервирал тој транзит бидејќи неговите купувачи, пред сè германските и француските компании кои купуваат гас преку таа рута (Јамал), не изнеле барања за купување“, кажа Путин.

„Тие ја свртеа таа рута (Јамал) од Германија кон Полска… Зошто? Затоа што ние ѝ испорачуваме гас на Германија врз основа на долгорочни договори и цената е три до четири, дури шест до седум пати помала отколку на лице место. Само со препродажбата на една милијарда кубни метри може да се заработат милијарда долари“.

Ројтерс наведува дека германското министерство за економија одбило да коментира.

Газпром го зголеми извозот во Европа за седум отсто во периодот јануари-ноември, при што Германија купила 5,6 милиони кубни метри повеќе од претходната година – што е количеството за кое Путин тврди дека Германија ѝ го препродава на Полска и од кое околу три милиони кубни метри завршиле во Украина.

„Наместо гасот да се испорачува во Полска а потоа во Украина, зарем не би било подобро да се испраќа понатаму во Европа и да влијае на промптната цена?“, кажа Путин.

Сподели