август 11, 2022

Како може министерот за правда да знае кој судија како гласа?!

Како можел министерот за правда Бојан Маричиќ да знае кој судија од Апелацискиот суд како гласал при одлучувањето за притворот на Сашо Мијалков кога гласањето е тајно? Тој и министерот Љупчо Николовски јавно изјавија дека одлуката на Апелацискиот суд од Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите. За експертите овие изјави на претставници на извршната власт против судската власт се скандалозни.

„Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност. Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука“, напиша пред неколку дена министерот Маричиќ на својот фејсбук-профил.

„Дали смее министер за правда да прозива судии со име и презиме за одлука донесена по слободно судиско убедување? Секако дека не, тоа е директен упад во работењето на судот“, вели авдокатот Јанаки Митрески во својата колумна во „Фокус“.

Најскандалозниот момент е тоа што министерот ги знае резултатите од гласањето и кој како гласал, иако е тоа тајно. Нека дојде некој пак да ме убедува дека не им се на линија судовите и дека власта не се мешала. Смешки!

И на крај ќе се состанел Судскиот совет да дискутира како тоа некој судија смеел да одлучува како што тој смета, а не власта како што смета. Судскиот совет, патем, воден од човек на СДСМ што во животот не видел решение за притвор. Ако ова не е влевање страв кај судската фела, не знам што е. Или ќе судите ние како што сакаме, или ќе бидете разрешени, пораката е повеќе од јасна!… Радоста на Сашо не траеше долго. На веста за притворот реагираа ресорниот министер Маричиќ и вицепремиерот Николовски. На крајно недозволен начин, се прозиваа судии, иако се нормативно заштитени од одговорност за носење одлука, па дури се знаеше и точниот резултат на гласањето 2-1… Експресно организиран криминал при ЈО побара притвор за Плацеви на Водно, а советот при единица го усвои предлогот за мерка притвор и со тоа на бате Саше му пропадна обидот да излезе од притвор, и тоа бидете убедени дека е поради притисокот на јавноста. Да се прашуваше оваа власт, ќе гледавме филмско сценарио, во еден ден Заев излегува од Владата, а Мијалков од притвор. И така пријателски прегрнати ќе чекореа кон средно богати бизнисмени. Холивуд“, напиша Митровски.

На овие изјави на Маричиќ и Николовски реагираше и поранешниот министер за правда Михајло Маневски. Тој праша: Дали министерот Маричиќ ќе одговара за оддавање тајна и за незаконито влијание на судот?

Министерот Бојан Маричиќ јавно и грубо се меша во работата на судот. Спротивно на Законот за кривичната постапка ги објави имињата на судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои како членови на Советот на Апелацискиот суд Скопје гласале да се прифати гаранцијата на осудениот Сашо Мијалков и да се пушти од притвор. Согласно член 124 од Законот за кривичната постапка, гласањето на судиите во судечкиот совет се врши тајно. Резултатите од гласањето се тајни. Согласно член 96 од ЗКП, за советувањето и гласањето се составува посебен записник. Овој записник се става во затворен плик и може да го отвори само повисокиот суд. Како дозна Маричиќ дека овие судии гласале за одлуката и поименично ги наведе, иако одлуката уште не била напишана? Одлуката на повисокиот суд се доставува до судот што ја донел одлуката и тој ја објавува. Како може овој министер за правда толку грубо да се меша и да се заканува на судот за донесена одлука? Министерот Маричиќ треба да биде земен на кривична одговорност за незаконито влијание во работата на судот и за оддавање на тајноста на гласањето на Советот што одлучувал по предметното барање? И овој ли ќе биде потпретседател на Владата за евроинтеграции?

Жалосно. Овој ли ќе се бори за владеење на правото? Од вакви слепци страда Македонија“, напиша Маневски.

Сподели