ноември 28, 2022

На лагата и се кратки нозете

Стефчо Негриески

Но, дали и во Македонија? Со децении сме сведоци на траги-комична претстава по сценарио на владата, режија на министерот за финансии, а главните улоги ги играат вработените во тоа исто “божем” министертво. А, правиот назив треба да му е – министерство за лаги.

Претходно пишував многу често на темата јавни финансии, јавен долг, буџет… Во сите тие текстови цело време провејувала нишката на погрешни проекции за буџетот и БДП. Но, едно е погрешно да проектираш, иако и тоа е лага, а друго е лажно да ги прикажуваш бројките на фактичката состојба. Во случајов, ги прикажуваш бројките какви што се, ама математиката ја правиш погрешно. Или можеби во дотичното министерство нема ни еден економист којшто положил математика со учење?! Вакво безочно лажење јас во мојот живот не сум видел.

Да тргнеме со ред.

Лага бр. 1: Министерството за финансии (МФ) за 2020 година, излезе со податок дека БДП изнесувал 10,796 милијарди евра, со што падот (односно растот како што милуваат да зборуваат економистите), во однос на 2019 изнесувал – 4,5%. Вчера, Државниот завод за статистика (ДЗС), излезе со податок дека вредноста на БДП во 2020 година изнесувала 10,665 милијарди евра, односно растот бил – 6,1%. Ако на некого ова му изгледа малку, се работи за 131 милиони евра помалку.

Бруто домашен производ на Македонија 2007-2020 Извор: Министерство за финансии

Лага бр. 2: Јавниот долг заклучно со третото тримесечие од 2021, изнесува 59,3% од БДП, велат од МФ. И уште велат, дека вкупниот јавен долг номинално изнесува 6,951 милијарди евра. Ако примениме просто тројно правило кое се изучува уште во четврто одделение, драги мои економисти, ќе дојдеме до заклучок дека јавниот долг изнесува 65,17% од БДП во 2020 година. Ако на ова БДП го додадеме проектираниот раст од 4%, тогаш повторно имаме јавен долг од 62,6% од БДП. Студио?

Јавен долг на Македонија – номинален и како процент од БДП Извор: МФ

Лага бр. 3: Буџетот за 2022 година е проектиран на 4,429 милијарди евра, приходите на 3,884 милијарди евра. Тука “вади од кожа” леснотијата на расфрлање со бројки. Буџетот за 2021 година, со ребалансот, е проектиран на 4,357 милијарди. Од извршувањето на буџетот што го гледаме денес, во најоптимистичко сценарио, тој нема да достигне повеќе од 4,2 милијарди евра, што би било потфрлање за околу 150 милиони евра од предвидениот со ребалансот на буџетот, и тоа во услови на галопирачка инфлација. Приходите исто така ќе имаат потфрлање од околу 100 милиони евра. Сите овие лаги, значат префрлање на преземени обврски и плаќањето на започнати или реализирани проекти во следната година, но и голем дел нереализирани капитални проекти. Во услови кога статистика констатира прилично голем пад на индустриското производство во 2021 година , нејасно е на што владата го темели овој оптимизам, или “бајрам на умот”?! Можеби на уште поголемата инфлација, што де факто дополнително ќе ги осиромаши македонските граѓани. Со вакви произволни проекции, многу брзо, кон средината на следната година, ќе ја пробиеме границата на јавен долг од 70% од БДП.

Сите овие авантури во јавните финансии, од 2005 навака, доведоа до енормно зголемување на јавниот долг на Македонија. И како одминува времето, фрекфенцијата на задолжување, но и висината на позајмените пари се зголемува.

Издадени еврообврзници од страна на Р. Македонија Извор: Министерство за финансии

Не заборавајте дека паралелно со задолжувањето на странските финансиски пазари, оди и галопирачкото задолжување од домашни извори. И за што се трошат овие силни пари? За вработување во јавна администрација и луксузирање на функционерите. Сė уште не сме слушнале дека некоја институција под државна капа го намалила своето трошење по било кој основ. Веројатно нема ни да видиме во догледно време. Парите се дрога за функционерите.

Затоа, на нашата влада и посебно на МФ, тука би им укажал на неколку познати методи за намалување на јавниот долг и консолидирање на јавните финансии:

  1. Кастрење на владиното трошење. Општо познат во економската наука е примерот со Канада во ’90. После обемна анализа, канадската влада донесе стратегија за кратење на владините непродуктивни трошоци за 20% во рок од 4 години. Ова, пресликано во македонски услови би значело ослободување на околу 1 милијарда буџетски средства на годишно ниво, кои можат да се вложат во капитални инвестиции, пред се тука мислам на патишта, образование, топлани, прописни депонии, енергетски капацитети, гасификација, помагање на стартапи итн итн. Значи, наместо со буџетското трошење да поттикнуваме економија која зависи чисто од потрошувачката, да поттикнеме отворање на бизниси кои ќе го зголемат индустриското производство и вработеноста во реалниот сектор. Без ф’стаци, верувам се може.
  2. Прогресивно оданочување на примањата и капиталот, којшто не се реинвестира, односно се чува на депозитни сметки. Ова беше една од најдобрите реформи на Заев по доаѓањето на власт во 2017 година (иако половична, без оданочување на капиталот), од која, од неразбирливи причини се повлече многу брзо. Веројатно под притисок на олигархијата. Ова го имате секаде во развиениот западен свет кон кој се стремиме. Едноставно, богатите мора да понесат поголем товар во развојот на едно општество. Сепак, нивните шлепери прават поголеми трошоци по макадамите низ Македонија. Реално, рамниот данок не ни донесе некој бенефит до сега, од аспект на некои големи странски вложувања во земјава. Даночење на капиталот во комбинација со ниските каматни стапки на депозитите, ќе го забрза инвестицискиот циклус во Македонија. На депозитни сметки во Македонија лежат околу 4 милијарди евра и владата мора да направи сè за овие средства да бидат искористени за економски развој, наместо да се мртов капитал. Сепак, никому не му се потребни пари на оној свет.
  3. Економски раст. Лесно е да се каже, тешко е да се изведе. Но, владите имаат алатки како да ја подобрат бизнис климата. Регулаторна гилотиња, независно правосудство, брзо одлучување на администрацијата по предмети поднесени од граѓаните и/или бизнисите, носење на детални урбанистички планови во соработка со локалните самоуправи секако, намалување на цените на услугите, концесиите и лиценците, помагање на стартапи (наместо на луѓето да им даваш риби нека почнат сами да ловат), сузбивање на сивата економија, и се она што опфаќаат првите две точки, со кои владата ќе створи примамлива бизнис клима. Економски раст е најбезболен начин за надминување на буџетскиот дефицит. Со вработување во јавен сектор, секако нема раст, а им ја крадеме иднината на нашите деца за наши мали удобства. Сепак, на одмор јадеме само гиро од на нога.

Секако, полесно е да се лаже отколку некој да се зафати со некакви реформи, кои некогаш се и болни. А, за волја на вистината, никој и не одговара за постапките во Македонија. Ова е веројатно единствена држава каде што се уживаат само права, а се нема никакви обврски. Но, од оваа ситуација во која што сме сега втурнати заради политичари-авантуристи, може да се излезе само на овој начин. Бизнискратија наместо бирократија.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели