ноември 30, 2022

Бон-бона бизнис, дел 2

Стефчо Негриески

Сакам да потенцирам еден аспект на енергетската криза, за кој никој не проговорил до сега. Или барем јас не сум слушнал некој од енергетските “експерти”, или “недај Боже” некој од владините претставници, да проговори за ноторниот факт дека корист од оваа ситуација во која е фрлена Македонија, единствено има ЕВН. Сега ви текнува ли зошто Курц беше чест гостин дури и на партиски митинзи во сиромашната Македонија?

 Се сеќавате претпоставувам, на сега веќе далечната 2006 година, кога од собраниската говорница актуелната министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, ги убедуваше тогашните парламентарни колеги и колешки од една и македонските граѓани од друга страна, дека продажбата на дел од тогашното Електростопанство на Македонија (ЕСМ) на австрискиот конзорциум ЕВН, е бонбона бизнис. Тоа беше првиот бон-бон за македонските граѓани. Вториот, почнавме да го лижеме во 2018 година, само што не бевме свесни! Кочо Анѓушев, тогашен вицепремиер во владата на Заев, го истурка новиот закон за енергетика, кој ни донесе либерализација на пазарот со електрична енергија. Дотичниот господин истото го бранеше со наводно поефтина струја за субјектите кои ќе мора (согласно закон), или ќе сакаат да набавуваат струја на слободниот пазар. И уште дека истото значи исполнување на барањата на Европската енергетска заедница, односно наше приближување кон ЕУ (опсесија). Постојано мравката сака да му влезе во рингот на слонот.

Отпочеток, навистина, субјектите беа намамени со нешто поефтина цена за активна ел. енергија. Беа регистрирани трговци со струја, на кои им беа доделени лиценци за трговија, а кои во своето портфолио имаа едно големо ништо. Или преведено на народски, со ништо не гарантираа дека ќе ги исполнуваат своите обврски кон учесниците на слободниот пазар на струја, тука пред се мислам на големите приватни компании, но и најголемиот дел од државните институции, кои согласно законските одредби, беа приморани да се појават на слободниот пазар. Зошто овде ги вбројувам и приватните компании?! Затоа што повисоката цена за струја како инпут во нивното работење, сепак на крај ќе го платиме ние граѓаните, преку повисоки цени на нивните производи. За државните, секако плаќаме и што треба и што не треба. Јавашлук!

И така сите среќни и задоволни влеговме во оваа струјна либерализација, намамени од ефтините берзански цени на струјата, заборавајќи на нашите производствени капацитети. Типична карактеристика на балканските “банана” држави. Ви текнува нели на ” НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не храни”?! Никој не сака да се мачи со производство кога може да спечали пари од купи – продај. Сето ова се одржуваше стабилно некаде до јули оваа година, кога цените на берзата за струја во Будимпешта (таму сиромаштијата од Балканот набавува струја која што и фали), почнаа вртоглаво да растат. Па оние трговци на кои државата им подели лиценци без никакво покритие , брзо почнаа да ги раскинуваат договорите за снабдување со компаниите и државните институции. Но, видете што смислил законодавецот во вакви ситуации?! Тој, читај Кочо, напишал дека во вакви случаи, учесниците на слободниот пазар на струја, ќе се снабдуваат од снабдувачот во краен случај, а тоа е погодувате, ЕВН Хоум! Олееее!!! Фирма ќерка на ЕВН дистрибуција. И тоа по просечна цена на берзата во Будимпешта за тековниот месец, зголемена за 50%, се додека не најдете друг трговец со струја на слободниот пазар. Ајт мајката?! А, просечна цена на берзата за ноември е околу 15 денари за kwh, која зголемена за 50% изнесува 22 денари за kwh. За да ви стане појасно, цената на kwh електрична енергија за учесниците на слободниот пазар, до сега, чинеше од 3,5 – 6 денари. Сами сте паметни да пресметате за какви пари станува збор.

И така, енергетската криза се уште незапочната, државата веќе интервенираше кај домашните енергетски компании (ЕСМ и МЕПСО), со буџетски (читај наши) средства во износ од 65 милиони евра. Но, тоа се само журналите пред да почне филмот. Допрва ќе почнат да пристигнуваат астрономските фактури за струја за државните институции и компаниите, кои беа приморани да се префрлат на снабдувачот во краен случај – ЕВН Хоум. Тек ќе има пиштење – вриштење. Регулаторна не одзела нити една лиценца од трговците, затоа што ќе треба да го стави законот “ад акта”. А овие осоколени од позицијата во која се наоѓаат, нити се јавуваат на новите тендери или повици за набавка на струја. Ова не е ништо помалку од државен удар. Во залог е ставен опстанокот на Македонија како држава. И таа мала економија која што ја имаме, ќе треба утре да ја погребаме.

Во секој случај, сите овие бизнис местенки, на крајот ќе ги плати нашиот сирот народ. Дотации за државните енергетски компании – од буџет. Астромски фактури за струја за гломазната администрација каде секој втор држи гралка в нозе – од буџет. Повисоки цени на македонските производи – од сопствен џеб. Повисоки сметки за струја за домаќинствата – од џеб. Инкасира само ЕВН!!! Може да си го префрлат бројачот на Заев на нивната нова зграда (несудената Градска куќа), да им врти профит.

Навистина енергетиката е бонбона бизнис, но само за ЕВН. Добро, останува некоја трошка и за “реформските” политичари (се смеам). На граѓаните, бонбоната ќе им залетне во грлото.

П.С. Нека не ве лажат дека секаде во светот е страшна енергетска криза. На берзата во Копенхаген, цената на kwh електрична енергија денеска изнесува околу 7 денари, што е повеќе од двојно помалце од берзата во Будимпешта. Ех, Балкане мој!!!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели