ноември 30, 2021

Кој ги уби демократијата и БЕСА во Македонија?

Народните мудрости велат “Довербата на народот е повредна од злато!“ “Ако ја изгубите довербата, не можете да ја надоместите со ништо!“

Остана ли доверба во македонската демократија, ако владата киднапира пратеник, знаејќи дека пратеникот е гласот на народот? Впрочем, ако владеењето на правото е основа на демократијата, зошто стравот кај Владата ако пратениците бараат гласање за нејзина доверба, која во меѓувреме ја изгубила?

Е, со сила на човек не може да му дадеш, освен да му земеш! Ако Владата од народот со сила му ги зеде демократијата и достоинството, заклучокот е едноставен: Нема вера, нема доверба во неа! А, најголема невера е кога ќе дадеш и самиот си го погазиш зборот пред народот!

Кастриот Реџепи беше противкандидат на кандидатот на ДУИ за градоначалник во општина Чаир. За волја на вистината, Висар  Ганиу, и неговиот претходник Изет  Меџити го сменија ликот на скопски Чаир. Каква ќе беше разврската ако Кастриот Реџепи станеше градоначалник на Чаир наспроти кандидатот на ДУИ и СДСМ?

Внимание заслужува посетата на холандскиот премиер ден пред гласањето за доверба на Владата. Тито Петковски рече дека холандскиот премиер Марк Руте влијаел Кастриот Реџепи да се откаже од потписот за гласање доверба за Владата. Се дозна дека Реџепи претходно 12 години работел во холандската амбасада во Македонија, но и дека вице-премиерот Артан Груби работеше во холандската амбасада во Скопје. Очигледно бесата дадена на партијата и на неговиот претседател Касами падна во вода. Бесата со холандскиот премиер била посилна од сè. Но и Европската комисија не остана без коментар дека Брисел никому не ветил датум за почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската Унија!

Најискрени во рашомонијадава на политичката сцена беа роднините на Кастриот Реџепи, загрижени дека изјавата за повлекување од иницијативата за гласање доверба за Владата ја дал под присила.

– Знам дека тоа тој не го прави од душа, туку дека е присилен да го каже тоа, – му рекол на Касами еден од роднините на Кастриот Реџепи.

Извесна е дилемата дека по сето ова Реџепи ќе го смени дресот со ДУИ.

На крајот на оваа пародија, македонскиот парламент го изгуби епитетот храм на законот и гласот на народот! И народот со право е револтиран и негодува.

Оттука се поставува дилемата: Кој ја уби демократијата и беса во Македонија?!

Беса е Божји збор или доверба, кој треба да го исполниш затоа што во прашање се честа и образот. Не може да се молиш и на Бога и на Ѓаволот истовремено!

Дадениот збор е посилен и од куршумот, како и од гласачкото ливче. Па, кој донесе промена во Македонија, на неодамнешните локални избори 17 и 31 октомври 2021 лето Господово?

Сите сме за евроатлантски интеграции, за тоа постојат документи од 1992/1993 година, тогаш македонскиот парламент едногласно донесе одлука за членство во НАТО. И што тука не е јасно и спорно? Се е јасно и чисто како солза. Тажно е што некој ја уби, или пукаше и “силуваше“ демократијата и беса!

Лесно е да се даде беса, но времето покажува дека тешко е да се одржи. Да, тоа е морален чин и света работа, но зависи од домашното воспитание. Денешната младина за жал и возрасните скршнуваат од овој свет курс на етичко и морално однесување!

За проф.д-р Таравари и градоначалник на Гостивар: “Единаесетти ноември беше денoт кога паднаа сите маски, кога сегашниот режим се самопотврди, кога сите сведочевме и сведочиме кои сме и за што сме!“

Според Таравари, конечно беше делегитимиран хибридниот режим СДСМ-ДУИ, останаа на 59 гласа и пратеник кој   исчезна под мистериозни околности на денот за  доверба на Владата на Заев. Овој режим докажа на кој начин останува на власт: со притисоци, закани и уцени! Но, овој режим нема да опстане и покрај сета акробација што ја прават.

За крај, останува да видиме дали сепак таа пуста фотеља или власт, на Зоран Заев и Али Ахмети ќе им донесе успешна приказна и мандат. На повидок е американскиот пратеник за Балкан и Европа, Ескобар, кој е на балканска турнеја. Во Македонија се очекува на 15 декември, кога ќе се очекува и одлуката на Советот на Европската Комисија, Бугарија да ја тргне рампата за блокадата на Македонија и да се одржи меѓувладината конференција на Македонија со Европската Унија.

Холандскиот премиер во Скопје јасно рече дека односите меѓу Македонија и Бугарија се билатерално прашање, кое не смее да застане на патот на проширување на ЕУ со Западен Балкан, со Македонија и Албанија!

И после сè и покрај сè, никогаш не смее да се заборави дека за сè е заслужен Македонскиот народ! Не се заслужни СДСМ и ДУИ! Одлуката за членство во НАТО ја донесе првиот парламентарен состав уште во 1993 година, пред ДУИ и Заев! Зарем заборавивме, дека СДСМ и негови сателит партии уште во 1999 организираа анти-НАТО кампања пред американската амбасада во Скопје?! Ви текнува на демонстрациите пред америкаснката амабсада врз која се фрлаа молотови коктели? Ви текнува на мртовечкиот ковчег пред амбасадата на САД во Скопје на кој пишуваше НАТО во реката Вардар?! Е такви беа СДСМ, за сега да се китат со туѓи перја како заслужни за евро-атлантските интеграции на Македонија во ЕУ и НАТО!

Не го штитеа СДСМ и ДУИ угледот на државата Македонија, туку припадниците на Македонската армија кои го бранеа меѓународниот мир во мисиите на САД и НАТО во Ирак, Авганистан, Либан, Босна и Косово…

Заслугата е на народот за ЕУ и за НАТО! Народот го доби правото за членство во ЕУ и НАТО уште пред 20 години, агонијата на маргините на ЕУ е придобивка на власта. Затоа, поради многу затоа што, нови и брзи парламентарни избори. СДСМ и ДУИ ја изгубија довербата на народот, на локалните избори се делегитимираа со катастрофален пораз и покрај бруталноста за манипулација со гласањето за доверба за Владата. Ако беа сигурни во киднапирањето на Кастриот Реџепи, колку што им требаше да се растури мнозинството од 61 пратеници, ќе беа присутни во салата и на прашањето на Талат Џафери, кој е за доверба на Владата ќе гласаа со 61 пратеници. Ама, беа заклучени во собраниските канцеларии, случајно некој да не се предомисли да гласа против доверба на Заев и Џафери.

Во прашање се денови кога Македонија ќе истрча на предвремени парламентарни избори, затоа што со оваа власт народот веќе виде сè и се презасити од сè! Колку агонијата продолжува, толку победата ќе биде поубедлива, колку што самиот може да се напакостиш, другиот ни на сон тоа не може да ти го стори. Бесата на народот е најсилна, а на епизодни личности како Кастриот Реџепи тој збор повеќе не им прилега. Народот порачува и прашува:

КОЈ ГИ УБИ ДЕМОКРАТИЈАТА И БЕСА ВО МАКЕДОНИЈА?

Автор: м-р Слободан Томиќ – новинар

Сподели
 
 
 
   more