август 11, 2022

Вучиќ не верува дека Заев се повлекува само поради лошите изборни резултати

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги искоментира најновите случувања на македонската политичка сцена. 

Според него, не се работи само за резултатот од изборите, туку дека има и други причини за оставката на премиерот Зоран Заев. Тој вели дека оставката на  Заев се должи и на разочарувањето од преговорите за членство на земјата во ЕУ. 

„Рекоа дека ако го потпишат Договорот од Преспа, Република Македонија ќе добие отворање на преговорите со ЕУ, а тоа не се случи“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Глазгов, каде што учествува на Самитот на ОН за климатските промени.

Тој рече дека по оставката на македонскиот премиер остануваат многу прашања како ќе се развиваат работите во следниот период, односно дали ќе се одржат нови избори или ќе остане сегашното мнозинство, дали ќе се промени односот кон Бугарија и дали ќе се влошат политичките услови во Македонија.Заев се повлекува од функцијата претседател на Владата и на СДСМ. 

Вучиќ, Заев и албанскиот премиер Еди Рама преку „Отворен Балкан“ се стремеа кон поврзувања и олеснувања за граѓаните од овие три земји. 

Инаку, коалиционите партнери на премиерот Зоран Заев, кој синоќа си поднесе оставка кажаа дека на Македонија и треба стабилна Влада, и дека се очекува енергетска криза. 

Сподели