ноември 29, 2021

“Ол ин”, пак?!

Стефчо Негриески

Помина кампањата за првиот круг на локалните избори, но и самото гласање. Сведоци бевме на една традиционална, повеќе би се рекло наративна, отколку суштинска кампања. Резултатите не се битни, бидејќи доколку се продолжи со вакво владеење тие секако ќе бидат трагични, повторно. 3д – анимациите на фејсбук се главната алатка, барем на побогатите партии, за да се прикажат наводните визии за нашите градови и села. Да не беше фејсбук, ќе требаше да го измислиме. Многу проекти се рециклираат секој изборен циклус, реализација ни на повидок. Но ниту еден од кандидатите не се ни доближи до сантата мраз која веројатно ќе го потопи бродот Македонија. Што е тоа што недостига за да ние како граѓани почувствуваме некаков напредок од еден до друг изборен циклус?! Секако дека тоа е начинот на трошењето на и онака скромните општински буџети.

За да ви го претставам ова што го кажувам, ја одбрав општина Струга, мојата слабост. Приликите се горе – долу исти во сите општини во Р. Македонија. Сепак потекнувам од Струга и како “Струга немаТ друга”, нели? Кажете ми прво драги пријатели од Струга, дали знаете дека во Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо? Знаете сигурно. Па зошто тогаш буџетот ви е напишан само на латиница?!

Но ајде, и тоа ќе го прескокнеме како “небитно” нели?! Кажете ми драги сограѓани, сега Ве прашувам вас, дали е нормално, еве доколку имате сопствена фирма, со приход кој што изнесува 16 милиони евра (толку е предвидениот буџет на општина Струга за 2021 година), вие да потрошите над 10 милиони за плати и придонеси?! Или преку 60 % од предвидените приходи. Од 16 милиони евра буџет, капиталните расходи да ви бидат 2 милиони евра. Што може да се направи со 2 милиони евра во една таква голема општина по територија, но и по жители? Дали да се реконструира водоводната мрежа, дали да се реконструираат улиците, дали да се среди крајбрежјето, да се направи депонија по пропис за да не нė труе, или не дај боже да се доврши колекторската мрежа… а да се пробие некоја нова улица со оглед на хиперградбата?! Невозможно.

И затоа почитувани ќе немаме вода во чешмите, ќе газиме кал до колена, ќе ги искршиме нашите возила по кратерите низ градските улици, училиштата ќе немаат греење, во Радожда ќе мириса на канализација… Како е можно и на овие избори кандидатите повторно да ја промашат темата, а сите ние да аплаудираме и понатака? Јас барем не слушнав дека некој од кандидатите малце загреба по површината на сантата мраз и зборуваше за намалување на преобемната администрација. Ама затоа го видовме Мерко во претходниот мандат како купува луксузни возила, а стружани ги праќаа своите деца во училиштата кои не можеа да обезбедат греење. И каква ли иронија, колите се пресметани како капитални инвестиции во завршната сметка на буџетот на Струга. Од оние 10 милиони потрошени за плати, барем 7 може да се заштедат и да донесат реален развој на општината, за да догодина буџетот би пораснал на 20 милиони. И така година по година, во 2025 би имале метро Струга – Охрид!?

Една интересна приказна сакам да ви раскажам од една моја посета на Словенија, летото 2015 година. При посетата на една мала општина таму, Под’четртек се вика, на самата граница помеѓу Словенија и Хрватска, Загорје, преку пат на Кумровец – родното место на другарот Тито. Буквално едно патче ги дели. Општина со 2 илјади и нешто жители, ама најголем корисник на европските структурни фондови во Словенија. Градоначалникот (кој не ми личеше на градоначалник морам да признаам, по нашите македонски стандарди секако), во својот воведен говор истакна дека неговата администрација брои двајца редовно вработени и еден на скратено работно време. И уште дека, тој трет мандат ја обавува функцијата на волонтерска основа, бесплатно шо би се рекло по нашки. На нашите прашања, нашата делегација броеше 8 луѓе, дека дали можеби се работи за 30 административци, а не за два ипол, тој ни одговори дека ние сме грешка. Ни вика, при мојата посета на Гевгелија пред едно 5 години, каде што бил поканет како експерт за бањски туризам, разбрал дека неговиот колега од Гевгелија има 3 секретарки, една за работата секретарка, една за да кува кафиња, а третата знаете зошто?! Слатко се изнасмеавме и оставивме градоначалникот лично да нè прошета низ “неговата” општина за да ни ги покаже капиталните инвестиции. Сосема обичен човек од народот, којшто беше горд на постигнувањата од јавен интерес. Едно од нив и велелепната спортска сала во која секоја година македонската ракометна репрезентација оди на припреми по 15 дена. Приземјување!

Затоа, доколку не го промениме менталитетот и сфаќањето на политиката, џабе сме ги промениле луѓето на власт. Доста ни е од политичари коишто се коцкаат “ол ин” со нашата иднина.

П.С. Го слушам денес и вчера т.н. премиер Заев, вика, ние знаеме да слушаме и да се промениме. Можеби, ама од едно уво влегува, од другото излегува.

П.П.С. Не потпаѓајте под ничиво влијание при гласањето во вториот круг. Менувајте ги политичарите на власт како што менувате чорапи. Оној на кој што му биле малце 4 години да покаже карактер и дека знае што прави, најверојатно нема да му помогнат ни уште 20. “Ол ин” се игра комар, а не држава. Паметни сте вие мои драги Македонци, не се сомневам! Да живее Македонија!!!!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
 
 
 
   more