ноември 30, 2021

„Ное цајтунг“: ЕУ од навика лаже за проширувањето кон Западен Балкан

Самитот ЕУ-Западен Балкан нуди можност да се напушти фикцијата за проширувањето. Но тоа нема да се случи. Сепак, ЕУ не може да избегне нов модел на интеграција, пишува Ное цирхер цајтунг.

Вистина е дека на сите инволвирани долги години им е јасно дека нема да има проширување на ЕУ на Балканот, но земјите-членки на ЕУ и Комисијата на ЕУ продолжуваат без никакво воздржување да држат празни реторики за „европската перспектива“ и „заедничките вредности“.

Последно во низата, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во блиц-посетата на земјите-кандидати ги повтори сите овие празни фрази од кои на граѓаните на регионот просто им е смачено.

Тие фрази, во меѓувреме, исто толку лесно течат од усните на политичарите во ЕУ како и некогаш заклетвите на верност кон марксизмот-ленинизмот меѓу претставниците на упокоениот Источен блок. Се лаже од навика.

Сѐ укажува на фактот дека третиот самит ЕУ-Западен Балкан, организиран од претседателството на Словенија денеска во поранешната летна резиденција на Тито, ќе се одржи во духот на слоганот „продолжи како и досега“: ЕУ објави дека сака да ја направи економијата на регионот поодржлива и подигитална – со инвестициски план од 9 милијарди, и дека сака да ги подобри сообраќајните врски и со тоа да поттикне директни приватни инвестиции.

Се чини дека тук и таму нешто можеби и ќе успее: но овој метод не го свртува трендот.

Исто како и стратегијата на Брисел и Берлин да создадат раст преку регионална економска соработка и на тој начин решавање на билатералните проблеми на југословенските држави.

Се разбира, има смисла соседните земји брзо и ефикасно да ги отстранат сите пречки што го попречуваат заедничкиот пазар. Но ова нема да ги направи шесте сиромашни земји просперитетен регион.

Бруто-националниот производ на овие 6 земји со вкупно 17 милиони жители е ист со оној на 5,5 милиони Словаци. И производот по жител варира помеѓу 20% и 40% од износот постигнат во Германија, во зависност од земјата. Процесот на закрепнување не е ни почнат.

И сето ова одамна е познато. И скоро исто толку долго економистите препорачуваат, како решение, поврзување на регионалната економија со ЕУ и пристап до буџетот на ЕУ. Последниот пат беше пред некој ден, во обемна студија на Виенскиот институт за меѓународни економски студии и Фондацијата Бертелсман.

Но за да биде можен овој чекор, прво треба да се напушти фикцијата за полноправно членство во ЕУ. А од тој момент на вистината (која, инаку, сите ја знаат) се чини дека многумина се плашат. Можеби затоа што Брисел и земјите-членки на ЕУ веруваат дека по ова повеќе нема да имаат никакво влијание врз регионот. Но тоа влијание во секој случај е слабо, како што покажа неодамнешната кавга на српско-косовската граница.

Пред две недели спорот околу регистарските таблички на автомобилите доведе до марш на специјалната полиција на Косово од едната страна на границата и единиците на српската војска од другата страна.

ЕУ може да биде фактор на моќ само доколку понуди кредибилна и атрактивна понуда за регионот. Само тогаш ќе ги има инструментите за поттик и ќе ги има во свои раце опциите за санкции со кои може да влијае врз однесувањето на земјите-партнери на Балканот. Ова исто така има смисла затоа што Србија, најважната земја во регионот, во меѓувреме отворено ѝ се нуди на Кина. Белград профитира од кинеската поддршка, а за возврат ја игра улогата на стражар на Пекинг на границата со ЕУ.

Со ЕЕА, т.е. со приклучувањето кон Европската економска област, ЕУ веќе има модел што може да им го понуди на овие балкански земји. Пристапувањето е поврзано со услови што бараат далекосежни реформи од сите 6 земји. Но овие услови може да се исполнат – за разлика од оние поврзани со членството во ЕУ.

Само на овој начин приказната за „европската перспектива“ може да ја врати својата вистинска содржина.

Сподели
 
 
 
   more