ноември 30, 2021

Предлог – закон: Административците во петок да работат само 4 часа

Четири часа пократко работно време неделно за административците предвидува новиот Предлог закон за административни службеници кој го подготви Министерството за информатичко општество и администрација.

Според Министерството, основните цели на Предлог законот се унапредување на моделот на вработувањето и оценувањето, како и поедноставување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, нов систем на пресметка на плата и дополнително мотивирање на вработените и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.

„Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“, стои во членот 55 од Предлог законот со кој се уредува работното време на административните службеници.

Предлог законот на 17 септември е поставен на Единствениот национален електронски регистар за прописи на Република Македонија (ЕНЕР), а целта поради кој се носи нов закон, според Министерството, се практични проблеми во имплементацијата на актуелниот.

„Постојниот Закон за административни службеници воведе доста новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници. Законот воспостави нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но по 5 годишна примена на законот на површина излегоа голем број на практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен. Министерството за информатичко општество и администрација имаше интенција да подготви измени и дополнувања на законот врз основа на практични забелешки од оние кои го применуваат законот, но со оглед на фактот дека од анализите и добиените забелешки произлезе дека треба да се менуваат повеќе од 1/3 од постојните членови се пристапи кон подготовка на целосно нов закон, во кој основата е веќе постојниот Закон за административни службеници“, стои во описот на Предлог законот

За коментирање на Предлог законот остануваат уште неполни седум дена. За законот да стапи на сила треба да добие одобрување и од Владата и од Собранието на Република Македонија.

Сподели
 
 
 
   more