септември 17, 2021

Македонија – несреќа во исчекување

Стефчо Негриески

Дали она што се случи сношти во Тетово изненади некого во Македонија? Мене искрено не. Македонија е несреќа во исчекување. И тоа не само во здравството, општо сите институции трулат одвнатре. Разликата е само што ако одите да завршите работа на пр. во Министерството за земјоделство, аматеризмот на таа администрацијата нема да доведе до смрт на недолжни луѓе. Во болниците кај нас се умира на големо. Едноставно, нашето државно здравство умираше пополека сите овие 30 години од независноста до вчера, за сношти конечно да даде душа.

Здравствениот систем долги години е оптоварен со корупција, површно образование, аматеризам. Не е доволно само да се облече белиот мантил. Тоа е многу тешка професија која бара од вработените континуирано надградување на знаењата и деноноќна работа. Кај нас се случува сосема спротивното, нашите млади стануваат доктори заради статус. Менаџирањето на целиот здравствен систем е посебна приказна. За тоа сме сведоци сите ние кои од разни причини сме требале да посетиме некоја од македонските државни болници. Зарем нашите граѓани, оние кои секој месец од своите мизерни плати одвојуваат за задолжително здравствено осигурување, не заслужуваат пристојни услови во болниците?! Во болниците, не во контејнерите за кои се потроши обемна сума на пари, за сношти да видиме дека горат како лего коцки.

Дали можеше подобро? Не подобро, туку може многу подобро. Доволно е само да погледнеме што прави Србија. За една година изградија и опремија 3 прописни (тврда градба) ковид болници во Крушевац, Белград и Нови Сад, со околу 2000 кревети во интензивна и полуинтензивна нега. Плус, ги вработија сите доктори кои чекаа на бироата за вработување. И како шлаг на торта, дома почнаа со производство на две вакцини.

Новата ковид болница во Белград

И не, немој да помислите дека ние немаме пари да изградиме вакви болници. Само лани Владата во име на сите нас, наводно за справување со здравствената закана, се зајми скоро 1 милијарда евра. За што и каде ги потроши само еден Господ знае. Се купуваа луксузни службени коли кои се користат за приватни цели, се натрупа ионака пренатрупаната администрација, се почастија општините, се набавуваа апетисани и бифтеци, субвенции се делат на сите страни… ама нема за здравството?! Две такви болници со 1000 кревети нема да чинеа повеќе од 100 милиони евра. Десетина од тоа што не задолжија. Да се донесеше правилна одлука пред една година, веројатно нема да ни се случеше синоќешната трагедија во Тетово, а Македонија сигурно немаше да води на светките табели за смртност од ковид. Во политиката не е само да направиш, туку кога и како ќе направиш! За тоа мора да се понесе одговорност.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •