септември 17, 2021

Прегратки меѓу обвинетите во судницата -трошоците ќе се платат од буџетот

Честитки и прегратки меѓу припадниците на „Алфите“ и нивниот поранешен шеф, Сашо Мијалков следуваа откако судијката Александра Ристеска соопшти дека ги ослободува од обвинение за апсењето на поранешниот лидер на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски.

Во судница пресуда ја слушаа поранешниот портпарол во МВР, Иво Котевски и поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, синот и сопругата на Мијалков

Судечкиот совет на чело до судијката Александра Ристеска остана на ставот дека обвинителот, Љубомир Лапе не ги докажал делата што им се ставаат на товар на обвинетите и откако минатиот месец го преотвори случајот, денеска донесе ослободителна пресуда за случајот „Тортура“, по неколкугодишното судење. Taa го упати Бошкоски своето право за нематеријална штета да го бара пред Граѓанскиот суд, а трошоците за целиот процес ќе паднат на товар на буџетот на државата.

Ристеска во образложението на пресудата рече дека судот од изведените докази не можел да ја утврди причинската поврзаност на Мијалков со другите обвинети и дека целото апсење на Бошкоски било лична интерепретација на Мијалков.

– Судот со исклучително внимание ги ценеше сите изведени вербални и материјални докази, особено ценејќи го фактот на еднаквост на оружјето, испитаните сведоци, изведените аудио разговори, репродуцираната снимка од апсењето, вештачењето и одбраната. Од сите изведени докази судот не може со сигурност да ја утврди каузалната поврзаност на одредени поттикнувачки дејствија на обвинетиот Мијалков со конкретните обвинети лица бидејќи од понудените и изведените докази, судот едноставно може да заклучи дека се работи за лична интерпретација на обвинетиот Мијалков на самиот чин на апсење на Љубе Бошкоски, која е по завршување на самиот настан. Самото обвинение во делот на поттикнувањето сторено од страна на Мијалков, за Судот остана на ниво на претпоставка којашто била основа за градење на теоријата на случај на јавниот обвинител во конкретниов предмет, рече Ристеска.

За судијката е спорно и тоа што обвинителот не докажал кој од обвинетите каква прекумерна сила употребил, а не било докажано дали токму ваквото апсење ја предизвикало душевната болка на Бошкоски.

-Не беше детално елабориран поединечниот каузален придонес на секој од обвинетите кон сторување на кривичното дело. Јавниот обвинител не понуди доказ со кој може да се утврди дека во дејствијата на обвинетите има прекумерна сила на постапување. Од вештачењето за Бошкоски се констатира само душевна болка во вид на страдање изразено во една акутна реакција која траела два до три дена без јасно да се утврди дали оваа ссотојба е последица на делотот на обвинетите или тоа е лична перцепција на Љубе Бошкоски оти бил лишен од слобода, рече Ристеска и како аргумент плус додаде дека кога Бошкоски бил изведен пред истражен судија и обвинител немал никакви забелешки на чинот на апсењето.

Сепак обвинителот останува на тоа дека обвинението е прецизно и докажано и најави жалба.

Предметот го отвори поранешното СЈО, а се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори.

Обвинителството тврдеше дека при апсењето на Бошкоски имало мачење, односно била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на тоалет кај ресторанот „Воденица“, и бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат.

Мијалков се наоѓа во притвор во истражниот затвор „Скопје”, а тој веќе е осуден на 12 годишна казна затвор за „Таргет и Тврдина” и 8 години затвор за „Трезор”.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •