ноември 27, 2021

ВИДЕО Виртуелна презентација на скопскиот трамвај на тркала

Град Скопје денеска го презентираше системот за брз автобуски превоз кој, според најавите на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, целосно треба да е готов до 2025 година. На денешната презентација се разговараше за потребите од т.н. трамвај на тркала, трасите по кои ќе се движат возилата на системот „Бас рапид транзит“, организацијата на станиците, наплатата на билетите.

„Со воведувањето на БРТ-системот, Скопје ќе стане првиот град на Балканот што ќе го имплементира ова модерно, економично и еколошки ефикасно сообраќајно решение. БРТ-системот е еден од клучните проекти во соработка со ЕБРД како дел од акцискиот план за зелен град, и значително ќе влијае на одржливата урбана мобилност и урбаниот развој на Скопје, како и на генералното унапредување на квалитетот на животот на жителите на главниот град“, велат од Град Скопје.

Според планот, ќе има две линии со коридори наменети исклучиво за брзите автобуси, по кои ќе се движат на хибриден погон, на гас и електрична енергија. Капацитетот ќе биде за 65.000 патници дневно, а со трамвајот на тркала треба да се скрати времето за патување од едниот до другиот крај на Скопје, од сегашните 70, на 30-ина минути. Наплатата, односно валидацијата на билетите ќе се врши на самата станица.

По денешната презентација, со реакција излегоа од ВМРО-ДПМНЕ од каде што обвинија дека Шилегов прави скап и неефикасен јавен транспорт, кој ќе создаде сообраќаен хаос.

„Неуко е зголемено растојанието на автобуските станици, и се организира превозот како Скопје да е полунаселен град. Со вака поставен систем се создава проблем и при излегувањето и влегување на патниците во автобусите на БРТ, кога ќе излегуваат од автобуската станица мора да има надпатници, за да можат да поминат на пешачка зона. Системот за сообраќање на БРТ автобусите е неефикасен затоа што автобусите ќе се движат на секој 3 минути со што во голем дел од временските интервали по шпиците ќе бидат празни и ќе оперираат со мал број на луѓе“, велат од ДПМНЕ.

Сподели
 
 
 
   more