август 4, 2021

Истече и вториот рок за изградба на автопатот Кичево – Охрид

На 30 јуни годинава заврши вториот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид на Коридорот 8.

Засега не е познато кога дополнителниот анекс на договорот за продолжување на изградбата на оваа автопатска делница ќе оди во Собранието на усвојување кај пратениците.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми неодамна во интервју за новинската агенција МИА рече дека преговорите со кинески „Синохидро“ се во завршна фаза, а дефинирано е до 31 декември 2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи.

Единствено е познато дека ЈПДП од 17 јуни годинава склучил договор со Градежен институт Македонија за надзор за докомплетирање на градежните работи за изградба на автопатот Кичево-Охрид со вредност од 507 милиони денари.

Според договорот, изградбата ќе продолжи во наредните 41 месец, од кои 30 месеци се планирани за изведба, а дополнителни 11 месеци проценет рок за евентуално продолжување на работите. 

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во 2014 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •