Холандскиот амбасадор среде Охрид „му се нафрли“ на Американецот Џозеф: Европа не е исто што и САД!

Холандскиот амбасадот во Скопје, Дирк јан Коп, на форумот во Охрид неочекувано остро му возврати на Едвард Џозеф, сега професор на Универзитет „Џон Хопкинс“,поранешен активен чинител во случувањата преку Меѓународната кризна група.
Џозеф прво рече дека ЕУ извршила предавство над Македонија со тоа што не еднаш, туку двапати не успала да почне преговори со земјава и покрај тоа што Скопје исполнило се што е побарано, а холандскиот амбасадор еден час откако му дојде редот да говори му рече дека „Европа не е исто што и САД“ и дека за него „Владеењето на правото е поважно од почитта“.
„Tоа што нашиот американски пријател целосно го заборави е една разлика меѓу САД и Европа, а тоа е што Алабама нема право на вето на надворешната политика на Вашингтон. Во Европа, Бугарија има. Тоа се нарекува – владеење на правото. Ви се допаѓало тоа или не, тоа се нашите правила и Бугарија ги користи. Владеењето на правото, за мене, е многу поважно од збор како „почит“ кој јас, вообичаено, го резервирам за шефовите на мафии“, рече Дирк Јан Коп.
Дипломатот понатаму рече дека Брисел бил оставен сам да го „чисти“ нередот од комунизмот, дека ЕУ не дели само зборови, туку и многу пари, а на крај додаде дека основен проблем во регионот е што „не успева да биде господар на својата судбина“.
„Во такви услови, да се зборува за предавство и напуштање, кога не успеавме да исполниме само еден датум, кога имаме една џумка на патот… Погледнете на претходните години и напредокот што е направен. Она што навистина загрижува е, како што покажа неодамнешна анкета, дека 56% од луѓето сметаат оти Владата не може да ги постигне своите цели без притисок од странство. Ова е земја која е независна една генерација и е суверена држава. Тоа е основен проблем во овој регион, дека некако, за разлика од Балтикот, да речеме, не успева да биде господар на својата судбина. Има кинеска поговорка која гласи – зошто ме мразиш, јас не ти помогнав. И ние сме тука, вклучени во се што се случува, апсолутно подготвени да помогнеме, апсолутно решени да го внесеме овој регион во ЕУ. Но, да зборуваме за историски грешки и предавство е апсурдно“ додаде Јан Коп.