јануари 19, 2022

Од следната година ќе се плаќа три пати повисок данок за имотот кој не се користи

Сопствениците на имотот (граѓани, фирмите, општините и државата) ќе треба да го пријават имотот што не го користат, а ако не го сторат тоа ќе платат данок на имот со стапка повисока за пет пати од пропишаната

Од први јануари следната година ќе се применуваат новите од три до пет пати повисоки стапки на данок на имот за имотот кој не се користи. Од следната година ќе се применува и правилото на секои четири години да се врши нова процена на вредноста на имотот.

Ова го пропишуваат измените на законот за даноци на имот кој денеска треба да го изгласаат пратениците

Основната стапка на данокот на имот е пропорционална и останува иста од 0,10% до 0,20%. Но, советите на општините и на Градот Скопје кои по закон ги утврдуваат стапките на данокот на имот, ќе треба да утврдат нови стапки зависно од тоа дали имотот се користи или не.

Така за земјоделско земјиште што не се користи општините ќе треба да наплатат три пати повисок данок на имот од пропишаното, односно да утврдат три пати повисока стапка. Исто така, и имотот кој граѓаните, фирмите, државата или општините не го користат подолго од шест месеци, ќе се оданочува со три пати повисока стапка од пропишаната.

Сопствениците на имотот (граѓани, фирмите, општините и државата) ќе треба да го пријават имотот што не го користат, а ако не го сторат тоа ќе платат данок на имот со стапка повисока за пет пати од пропишаната.Можеби ќе ве интересира

Останува на сила одредбата за намалување на данокот на имот за становите во кои живеат сопствениците.

„Ако сопственикот на едностанбен или повеќестанбен објект за домување и двор (земјиште) живее во него има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%“, Стои во измените на Законот за даноци на имот.

Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот а со новите измени на Законот се утврдува дека на секои четири години ќе треба да се направи ревизија на пазарната вредноста на имотот. Ревизијата ќе ја прават само проценители кои се вработени во општините, а по нивно барање може да ја врши и лице кое е овластен проценувач.

Пазарната вредност се утврдува според Методологија за процена на пазарната вредност на недвижниот имот.

Со овие измени на законот за данок на имот остануваат исти одредбите со кои се утврдува на кој имот не се плаќа данок на имот.

Сподели