септември 16, 2021

Мукоски бараше обештетување од државата за „27 април“ во Стразбур, но ненадејно ја повлече тужбата

Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, иако беше амнестиран за „27 април“, поднесе тужба во Судот за човекови права во Стразбур, барајќи отштета за апсењето и притворот.
Апликацијата на почетокот на годината му беше прифатена, и стигна до фаза кога Владата се изјаснила дека нема да се спогодат и ќе одат на судење. Но, ненадејно Мукоски решил да се повлече, односно им рекол на неговите адвокати да ја повлечат тужбата.

-Иако и понатаму сме на ставот дека тужбата е основана, сепак моравме да ја испочитуваме волјата на клиентот за повлекување на тужбата. Го известивме судот во Стразбур, но од таму бараат дополнителни информации за мотивот за повлекување, поради што не информираа дека дополнително ќе се произнесат, ни изјавија адвокатите Михаил Кичеец и Игор Кичеец.

Одговорот од Стразбур е збунувачки, бидејќи иако Мукоски како подносител на тужбата сака да се откаже, сепак судот изгледа не сака лесно да се откаже од предметот.

Побаравме одговор и од Мукоски, односно го прашавме зошто наеднаш решил да се откаже?

-За мене лично доволно беше мојата тужба да биде прифатена од Судот во Стразбур а понатака немам намера да водам спор со сопствената држава и да барам било какво обештетување. Затоа донесов таква одлука, изјави Мукоски за Фокус.

Тој во апликацијата се жалеше дека незаконски бил уапсен, додека уживал пратенички имунитет, а ја оспоруваше и законитоста на притворот кој му беше одреден.

Ваква тужба до Стразбур поднесе и екс пратеникот Сашо Василевски, но тој ни изјави дека не ја тужи државата и дека не го интересира тој случај.

Поранешните пратеници беа дел од обвинетите за насилниот упад во Собранието на 27 април, но подоцна се спасија од кривичен прогон со амнестија. И двајцата се гонеа дека критичниот 27 април ја отвориле вратата на Собранието, по што толпата народ непречено влезе внатре.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •