септември 17, 2021

НЕМА ДА КЛЕЧИМЕ ПРЕД КОЛОНИЈАЛИСТИ КАКО МАРК РУТЕ

Орбан се соочи со многу критичари на самитот на ЕУ поради новиот унгарски закон против ЛГБТ заедницата.

Унгарската министерка за правда Јудит Варга го обвини холандскиот премиер Марк Руте дека зборува со речникот на старата колонијална ароганција, откако тој рече дека за Унгарија веќе нема место во Европската Унија по донесувањето на законот кој забранува промовирање на хомосексуалноста меѓу младите.

„Додека сум жива, ќе се борам со сите сили да не мора унгарскиот народ да клечи пред Руте или некој друг колонијалист. Холандскиот лидер со ова се отпиша себеси од кругот на цивилизирани луѓе“, напиша Варга на Фејсбук.

Руте лично му се нафрлил на унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел поради спорниот закон.

„Виктор, ако го направите тоа, зошто и натаму сакате да бидете во ЕУ?“, му рекол Руте на Орбан, според еден дипломат.

Руте притоа му го посочил Членот 50 кој им овозможува на земјите да излезат од блокот.

Според Варга, овие изјави на Руте се само епизода од серијалот на политички уцени.

„Унгарија не сака да ја напушти ЕУ. Напротив, ние сакаме да ја спасиме од лицемери“, додаде Варга.

Шведскиот премиер Стефан Левен изјави дека на неговите граѓани им е преку глава од тоа буџетските средства да одат во земји кои не ги почитуваат вредностите и демократските принципи на ЕУ.

Орбан, кој тврди дека законот е во интерес на заштитата на правата на децата, доби поддршка од словенечкиот премиер Јанез Јанша, инсистирајќи дека многу врева се крева за ништо.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •