август 4, 2021

Дендиас му забележа на Османи: Акронимот „МКД“ не може да биде прифатен од Грција на ЕУРО 2020

Според грчката дипломатија во билатералните односи, Република Македонија мора да користи акроним што одговара на нејзиното име, како што е „NM“ (N. Macedonia) или алтернативно „RNM“ (Republic of N. Macedonia)“.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, по повод учеството на Република Македонија на Европското фудбалско првенство, испратил писмо до неговиот колега Бујар Османи, во кое бара целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа, но и употреба на кратенката „НМ“ или „РНМ“ наместо „МКД“, брифираат грчки дипломатски извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Според дипломатските извори од Грција, Дендиас во дописот пишува дека иако во Договорот, како што е предвидено во член 1, параграф 3, точка е, кодот за името Република Македонија во Меѓународната организација на стандардизација (ИСО), останува „МКД“, „употребата на конкретниот акроним на ЕУРО 2020 не може да биде прифатен од Грција“.

Истите извори додаваат дека во рамките на меѓународната практика на целосното имплементирање на договорот, како и обидите за одржување на позитивна динамика во билатералните односи, „Република Македонија мора да користи акроним што одговара на нејзиното име, како што е „NM“ (N. Macedonia) или алтернативно „RNM“ (Republic of N. Macedonia)“.

Дополнително, во писмото Дендиас истакнал дека треба да се реши и прашањето со промена на името на Фудбалската федерација, но и побарал Османи да интервенира за решавање на овие прашања во рамките на добрососедските односи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •