септември 17, 2021

Путин: Американско-руските односи во последниве години се на најниска точка

Путин и Бајден ќе се сретнат во Женева во среда. Белата куќа најави дека Бајден ќе го стави на дневен ред прашањето за хакерските напади што доаѓаат од Русија, агресијата на Москва врз Украина, затворањето на дисиденти и други прашања што ги загрозуваат тие односи.

„Имаме билатерални односи кои се влошија спуштајќи се на најниско ниво во последните години“, рече Путин.

Путин го опиша поранешниот претседател Доналд Трамп како „исклучителна, талентирана индивидуа“, но и „импулсивна“, додека за Бајден вели дека како кариерен политичар е „радикално различен“ од Трамп.

Запрашан да ја коментира изјавата на Бајден во март кога го нарече убиец, Путин одговори дека слушнал десетици такви обвинувања. „Тоа не е нешто што воопшто ме загрижува“, рече тој.

Бајден на почетокот на осумдневната посета на Европа рече дека САД „не бараат конфликт со Русија“.

„Сакаме стабилен и предвидлив однос, но бев јасен: САД ќе одговорат остро и осмислено доколку руската влада започне со штетни активности“.

Ен-би-си њуз наведе дека Путин негирал дека има какви било информации за какви било хакерски напади од Русија и го повика Бајден да склучат договор поврзан со кибернетика.

Путин исто така ги отфрли обвинувањата на Вашингтон пост дека Русија се подготвува да го снабди Иран со напреден сателит што ќе му овозможи на Иран следење на потенцијални воени цели на Блискиот исток. Тој тврди дека станува збор за лажни вести и дека не знае ништо за тоа.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •