октомври 22, 2021

Почина Џејмс Пердју, еден од архитектите на Охридскиот рамковен договор

Американскиот дипломат Џејмс Пердју, кој помогна во завршување на конфликтот во 2001 година и во склучување на Охридскиот договор, Џејмс Пердју починал во средата на 77 години, објави весникот „Арканзесонлајн“. Причината за смртта не е наведена.

Џејмс Пердју остави неизбришлив белег на Балканот, прво како дел од екипата на прославениот дипломат Ричард Холбрук, а потоа и како американски претставник за Македонија за време на воениот конфликт 2001 година. Тој беше еден од архитектите да им се стави крај на непријателствата, а потоа да се осмислат уставните измени. Пердју го претставуваше американскиот министер за одбрана на преговорите во Дејтон за иднината на БиХ, а беше и заменик-специјален советник на претседателот на САД во времето на конфликот во Косово и имплементацијата на мировниот договор.

Пердју во 2002 година стана амбасадор на САД во Бугарија, мандат што го извршуваше три години.

Пердју беше дел од воената разузнавачка заедница на САД и стигна до чин полковник. Претседателот Бил Клинтон го именуваше Пердју за американски претставник за воена стабилизација на Балканот во 1997 година со ранг амбасадор.

Оваа година Пердју остро ја критикуваше бугарската блокада на Македонија.

– Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Република Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Република Македонија заврши, изјави Пердју за „Дојче веле“ во јануари годинава.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •