октомври 22, 2021

Пресврт во Белорусија: Затворениот белоруски блогер плачеше на телевизија и го фалеше Лукашенко (ВИДЕО)

Белорускиот блогер Роман Проташевич, кој беше уапсен во Минск минатиот месец откако белоруските власти го пренасочија авионот на Рајанер, се појави на државната телевизија и призна дека организирал антивладини протести.

За време на интервјуто, Проташевич призна дека организирал протести против владата и го пофали претседателот Александар Лукашенко. Семејството на Проташевич изјави дека интервјуто било изнудено, односно дека блогерот ги дал изјавите под притисок, пишува Би-би-си.

Роман Проташевич (26) до минатата година бил уредник на опозицискиот канал Некста на социјалната мрежа Телеграм. Минатата година белоруските власти го ставија на списокот „лица вклучени во терористички активности“.

Во интервјуто емитувано синоќа, Проташевич призна дека се обидел да ја собори власта на Александар Лукашенко. Тој рече дека претходно го критикувал претседателот, но дека „почнал да разбира дека тој работи правилно и дека сега сигурно го почитува“.

На крајот од интервјуто, тој се расплака и рече дека се надева дека еден ден ќе се ожени и ќе има деца.

Таткото на младиот блогер за новинската агенција АФП изјави дека му било болно да го гледа интервјуто.

„Многу добро го познавам мојот син и верувам дека никогаш не би рекол такви работи. Го скршија и го принудија да го каже она што тие сакаат“, рече тој.

Вчерашното интервју е трето јавно појавување на Проташевич на државната телевизија откако е уапсен. Во претходното интервју, рече дека нема корист од тоа опозицијата да повикува на понатамошни улични протести.

Новинарот и неговата девојка Софија Сапега летале кон Литванија кога нивниот авион слета во Минск поради лажна закана за поставена бомба.

Го чекаат сериозни обвиненија. Обвиненијата за предизвикување масовни протести во Белорусија може да резултираат со затвор до 15 години. Сепак, за терористички казнени дела се изрекуваат повисоки казни. Како што излегувал од авионот, патниците слушнале како блогерот вели: „Тука ме чека смртна казна“.

Европските лидери по седницата на Европскиот совет одржана пред десетина дена одлучија да воведат нови санкции и да го забранат меѓународниот воздушен сообраќај за белоруските авиокомпании, како и летовите на линија на европските авиокомпании над Белорусија, но потенцијално и копнениот транспорт во земјата, откако Белорусија испрати воен авион да пресретне и приземји авион на Рајанер, што западните земји го осудија како „државно пиратство“.

ЕУ повика на ослободување на 26-годишниот блогер, чии канали на социјалните мрежи од егзил беа едни од последните независни платформи за вести во земјата по масовното угнетување на дисидентите минатата година.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во вторникот остро го осуди „државното киднапирање“ што „покажува како режимот во Минск ги напаѓа основните демократски права и ја гуши слободата на изразување и независните медиуми“, додавајќи дека „новинарот Роман Проташевич и неговата придружничка Софија Сапега мора веднаш да бидат ослободени“.

Во меѓувреме, Лукашенко ги негираше сите обвинувања и пркосно одговори дека кога наредил приземјување на авионот на Рајанер, тој дејствувал во согласност со законот и во согласност со сите меѓународни норми, и дека оние што го критикуваат го користат тоа за да ја поткопаат неговата власт.

Лукашенко инсистира на тоа дека во авионот имало вистинска закана за поставена бомба и дејствувал за да „спаси животи“, нарекувајќи го Проташевич „терорист“, иако не го обвини за поставување на бомба.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •