септември 17, 2021

Багери кај Студенчишта, Охридскиот еснаф бара итна седница на советот за статусот на угостителските објекти во крајбрежниот појас

Се зголемува механизација во месноста Студенчишта каде се наоѓаат најатрактивните крајезерски локали на плажите кои гравитираат кон центарот на Охрид. Субјектите кои стопанисуваат со угостителските објекти на плажите стравуваат дека се подготвува нивно уривање, што според нив ќе предизвика голема штета не само на угостителите, туку и на имиџот на Охрид пред стартот на туристичката сезона.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, на прес конференција пред два дена во Лагадин изјави дека нема да има селективност во уривање на плажите чии концесии се истечени уште пред неколку години, најавувајќи дека уривањето ќе продолжи в долж целото крајбрежје.

Во наредниот период ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. Оваа можност сакам да ја искористам и повторно да потенцирам дека нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките. – рече Градоначалникот.

Георгиевски на јавноста и предочи дека направените финансиски анализи на општината и информациите кои таа ги добила од останатите надлежни институции покажуваат фрапантни цифри на остварен приход во период кога поранешните концесионери немале активни договори за концесија.

На пример фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво. – рече Георгиески.

Се обративме до дел од концесионерите на кои алудираат локалните власти. Тие ги отфрлаат изнесените наводи, оценувајќи ги за паушални и тенденциозни, дотолку повеќе што во ист кош се ставаат реномирани компании кои уредно ги подмируваат сите трошоци и давачки кон градот и државата и вработуваат десеттици вработени, кои исто така редовно ги плаќаат, со негативни примери кои очигледно го изигруваат законот.

Не може во јавноста да се креира слика дека угостителите кои стопанисуваат со плажите се некакви криминалци кои ништо не плаќале, а правеле милиони. Сосема е погрешно кога се изнесуваат непроверени и неточни податоци за финансиското работење на одредени субјекти, а притоа постојат јавно достапни податоци за тоа. – велат од плажата „Куба Либре“.

Од „Куба Либре“ велат дека не е точно дека оствариле приход од 190 милиони денари во анализираните 4 години, како што не е точно и дека не платиле надомест на градот и државата за вршење на својата дејност.

„Куба Либре“ во моментов вработува 42 лица. Тој број вон сезона е помал, а во сезона некогаш и поголем. Сите вработени се уредно пријавени и за сите се плаќаат плати, придонеси и даноци. Не е коректно да се пласира информација дека некој остварил стотици милиони приход, а всушност се работи за остварен промет, што не е исто. За волја на вистината, во наведиот период остварен е поголем промет од наведениот во износ од 216, 2 милиони денари, или 3,5 милиони евра, како што е точно дека е платен  ДДВ во износ од 300.000 евра, данок 41,9 илјади евра, персонален данок 24.310 евра, 417 илјади евра биле издвоени за плати, 130 илјади евра за придонеси, 516.000 евра за инвестиции, речиси 20.000 евра за ЈП Водовод, без малку 10.000 евра за Нискоградба и Комуналец, а каде се во математиката давачките кон ЕВН и другите јавни и слични претпријатија и најважното, давачките за набавка на производи и материјали со кои се обавува дејноста, а кои се во милионски износи во евра? – прашуваат од плажата „Куба Либре“, изразувајќи револт од односот на властите кон концесионерите на плажите и постојаните заложби тие да бидат прикажани како проблем поради кој Охриддскиот регион е на праг да биде ставен на Листата на заштитени подрачја на УНЕСКО во опасност.

Од „Куба Либре“ укажуваат дека плажата со која стопанисуваат е уредена согласно критериуми изготвени од државата и проект одобрен од надлежните министерства и институции, додавајќи дека не е коректно пред  сезона повторно да се отвора прашањето за статусот на плажите и да се уриваат објекти, дотолку повеќе што во прашање не е само работата на угостителските објекти, договорените аранжмани, туку и  десеттици работни места.

Ние нашите вработени ги држевме на работа 15 месеци во време на криза со платени плати и придонеси. Се делеа и субвенции за плати, кои треба да ги враќаме. Доколку планот на државата и градот бил поинаков, фер беше да ни се каже, а не да се чека да почне сезоната за повторно да поминуваме низ голгота. Наместо да разговараме за идеи за развој на туризмот и нивна реализација, а ги имаме, ние се соочуваме со неизвесност. – додаваат од „Куба Либре“. 

Реагираше и Охридскиот еснаф на угостители, кој денеска достави барање за свикување итна седница на советот, на која ќе се дискутира за актуелните збиднувања и активности од страна на Локалната самоуправа, за статусот на угостителските објекти лоцирани во крајбрежниот појас, во контекст на препораките од УНЕСКО и фактичката состојба на истите, воочи претстојната туристичка сезона.

Целта на седницата би била изнаоѓање решенија за тековните проблеми, и тоа во интерес на сите засегнати страни: Општината, граѓаните, деловните субјекти, и секако и туристите. За оваа седница ги предлагаме следните точки:

-Времено регулирање на односите на постојните вршители на дејност на угостителските
објекти лоцирани на крајбрежјето;

-Изнаоѓање на преодно решение за усогласување на објектите, согласно препораките на
УНЕСКО и постоечката регулатива;

-Импликации на статусот на вработените во објектите, како и на самите стопански субјекти;

-Итно одлагање на активностите со рушење до крајот на туристичката сезона (средина на
септември), или до изнаоѓање соодветно решение;

-Ажурирање на постапките по однос на јавното наддавање и издавање под закуп од 2018
година, кои не се формално завршени. – стои во барањето кое Михаил Мишев, претседател на Здружението, го достави до советничките групи во Советот на Општината, Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, Секторот за урбанизам и ЗЖС – Охрид и ТЛЕР.

Претседателката на Советот, Живка Ангеловска за OhridNews потврди дека Охридскиот еснаф на угостители денеска доставил барање за итна седница, кое ќе биде разгледано согласно процедурите.

Согласно статутот, итна седница може да се одржи само на барање на советници и градоначалниот. Предлогот е испратен до сите советнички групи и ние веќе утре ќе се состанеме, со цел да заземеме став, а соодветен одговор ќе испратиме до иницијаторот. – рече Ангеловска.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •