септември 23, 2021

Јавниот долг на земјава ќе се набилда на 66 проценти од БДП- нема да падне под 60% до 2026 година

Јавниот долг на земјава ќе расте, а стабилизација – или тој да падне под психолошката граница од 60 проценти од БДП не се очекува до 2026 година.

Долгот годинава ќе достигне  63,9 проценти од БДП. Рекордот ќе се руши наредната 2022 година за кога се прогнозира тој да порасне на  65,9 проценти од БДП. Во 2023 е проектиран на 65,2 проценти. Намалување, но не подолу од 60 проценти е планирано за 2024 година – кога јавниот долг е проектиран на  62,5 проценти. Во 2025 треба да е 60,1 процент и дури 2026 да се спушти на 57,7 проценти од БДП.

Владата ја усвои Фискална стратегија за периодот од 2022-2024, со изгледи до 2026 година. И таа за Управување со јавниот долг.

Но Министерството за финансии, додека не ги објават стратегиите јавно, не откриваат колку милијарди ќе достигне јавниот долг во  наредните години. Земјава до март годинава должи најмногу до сега – 7,1 милијарда евра што е 62,5 проценти од БДП. А прогнозите се дека долгот ќе расте.

ЈАВЕН ДОЛГ ПО ГОДИНИ

2021                           63.9% од БДП

2022                           65.9% од БДП

2023                           65.2% од БДП

2024                           62.5% од БДП

2025                           60.1% од БДП

2026                            57.7% од БДП

Извор: Министерство за финансии

Сепак експертите се поделени. Дел од нив предупредуваат дека максималното ниво на задолженост на земјава е околу 55 до 60 проценти од БДП. Над тоа ниво веќе може да се зборува дека земјава има проблем со јавните финансии. Според нив продолжената ковид-криза ќе се прелее и во 2022 година. Но велат тренадот на раст на јавниот долг не би требало да продолжи, бидејќи после тоа ќе биде тешко да се задолжува земјава и понатаму и нема да може да го издржи отплаќањето на кредитите.

За дел пак од експертите владините прогнози се реалистични иако долгот се проектира да расте. Според професорот Марјан Петрески ваквите прогнози се очекувани, имајќи предвид дека со последиците од Ковид-19 ќе се занимаваме уште некое време.

„А и самата влада во донесените пакети мерки предвиде некои мерки кои ќе се имплементираат во одреден период, односно не се со еднократен ефект. Дел од таквите мерки имаат солидна развој на компонента, односно ќе го поддржат пост-ковид закрепнувањето и тоа во моментов е разумен компромис помеѓу целта на тие мерки и нивната фискална импликација. Сепак, за фискалната консолидација мора да размислуваме интензивно, и првенствено не како нагло намалување на буџетскиот дефицит, туку кои се опциите да се обезбедат дополнителни приходи“, изјави за „Денар“ професорот Марјан  Петрески.

Според него приоритет за да се обезбедат дополнителни приходи е подобро справување со сивата економија наместо даночни промени како што најавува владата.

„Зафаќањето на сивата економија е прво на листата пред да се размислува за било какви промени во даночните стапки. Веќе е дебатирана тема дека сивата економија зафаќа и до 40% од формалната економија и, оттука, крие недвосмислен потенцијал за да ја помогне фискалната консолидација. Неопходни се брзи и одлучни чекори во тој поглед; на пример, првиот чекор би бил да се објавуваат редовни извештаи за спроведувањето на Стратегијата за формализација на неформалната економија, што во моментов во голема мера отсуствува и создава впечаток дека не се прави многу на тоа поле“, изјави Петрески.

Но за власта нема простор за загриженост. Вицепремиерот Битиќи потврди дека проекциите се оти до 2025 година тој ќе се одржува на ова ниво, а потоа постепено ќе почне да паѓа, затоа што се очекува БДП да расте со стапки многу повисоки од тоа што би требало да расте јавниот долг.

„Нашите граѓани и нашите деца не треба да се грижат за зголемување на јавниот долг се додека средствата коишто ги земаме ги носиме за нивната иднина, за подобар живот. Ние тоа го докажавме и тоа ќе го правиме. И затоа поцврста и појака економија значи помоќна да се справи со последиците од евентуалното нови задолжувања. И тие одат заедно секогаш“, рече Битиќи.

Премиерот Заев потврди дека јавниот долг ќе се намали под 60 проценти од БДП во 2026 година. За стабилизација на долгот според него се потребни повеќе мерки меѓу кои и намалување на непродуктивните трошења од Буџетот. Како опција ја најави и намалувањето на бројот на јавната администрација.

Земјава заклучно со март годинава должи 7,1 милијарди евра – јавниот долг се искачи на 62,5 проценти од БДП. 2020 година ја завршивме со задолженост од речиси 6,5 милијарди евра или 60,2 проценти од БДП. До 2010 година тој беше под 2 милијарди евра или 27,2 проценти од БДП. До 2016 година се дуплираше и се зголеми на 4,7 милијарди евра или 48,8 проценти од БДП. Уште една милијарда накачи во 2019 кога достигна 5,5 милијарди или 49,4 проценти од БДП. Од крајот на 2019 година до прв квартал годинава долгот пораснал за 13,1 процент или за 1,63 милијарди евра. Само за трите месеци од годинава за нови речиси 700 милиони евра.

Сепак Владата со новата Фискална стратегија има оптимистички сценарија стапката на раст на БДП и невработеноста. На среден рок, стапките на економски раст се предвидува да надминат 5%, стапката на невработеност ќе се намали на 8,6%, додека стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3%. Просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4%, бруто-инвестициите ќе се зголемат до 36,2% во 2026, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8%.

Согласно основното среднорочно сценарио, економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1%, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4%. Основното сценарио се заснова на стојалиштето дека економијата ќе заздрави во 2021 година, по што ќе се интензивира економскиот раст. Државната поддршка преку различни економски мерки ќе продолжи во 2021 година, со цел поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување и создавање основа за повисок економски раст на подолг рок.

Инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, а во периодот 2022-2026 година инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8%.

Извозот на стоки и услуги, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата, заздравување на глобалните синџири на производство и на надворешната побарувачка и повисока искористеност на производствените капацитети во земјата, се предвидува да забележи реален раст од 10,6% во 2021 година. На среден рок е предвидено да забележи просечен реален годишен раст од 8,8% во периодот 2022-2026 година.

Според основното макроекономско сценарио, во 2021 година се очекува раст на бројот на вработени од 1%, додека во периодот 2022-2026 година, вработеноста е предвидено да расте со повисоко темпо, односно е проектиран просечен годишен раст од 3,6%.

Вкупните приходи на Буџетот на РСМ (централeн буџет и фондови) за периодот 2022-2026 година се планирани во висина од околу 31,3% од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот во периодот 2022-2026 година изнесува околу 34,4% од БДП.

Проектирано е постепено намалување на буџетскиот дефицит до 2,2% во 2026 година, односно 4,3% во 2022 година, 3,5% во 2023 година, 2,9% во 2024 година, 2,5% во 2025 година и 2,2% во 2026 година. Примарниот буџетски дефицит (буџетскиот дефицит без каматните плаќања), исто така, континуирано ќе се намалува од 3,0% од БДП во 2022 година до постигнување на ниво од1,2% во 2026 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •