јуни 19, 2021

Румен Радев бара гаранции, Меркел го поддржува

Гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на релевантни патокази, релевантни документи и на сите структурни нивоа, што ќе ги даде соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен – рече Радев.

Иако Македонија и Бугарија во одлучувачкиот месец јуни градат порелаксирана атмосфера на дијалог, според сите процени мали се шансите бугарската техничка влада да го тргне ветото за преговорите за членство во ЕУ. Софија бара цврсти гаранции од Скопје за нивните услови. Tоа вчера го повтори претседателот Румен Радев, кој по пречекот на португалскиот претседател Марсело де Соуза, истакна дека сега „најважната задача е да се врати полноправниот дијалог на сите нивоа меѓу Софија и Скопје“.

Премиерот Зоран Заев вчера повтори дека за македонскиот идентитет нема да се разговара со Бугарија и дека и на ЕУ ѝ рекол дека ако тоа и натаму е условот, тогаш Македонија нема да преговара за членство.

 Радев: За Скопје имаме цела листа услови

Се очекува фокусот на разговорите на претседателот Де Соуза со бугарскиот државен врв да биде португалскиот предлог за решавање на спорот што пред десетина дена им беше доставен на Македонија и на Бугарија. Не е најавена негова посета и на Скопје.

– Португалското претседателство и лично претседателот Соуза може да помогнат да се најде конструктивен пристап. Овој пристап мора да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на релевантни патокази, релевантни документи и на сите структурни нивоа, што ќе ги даде соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен – рече вчера Радев и додаде дека постои цела листа на формални услови што Скопје треба да ги исполни.

Радев рече и дека Бугарија има најголем интерес за интеграција на соседите во ЕУ, но на  проширувањето не треба да се гледа механички.

– Проширувањето не е спринт каде што треба да завршиме во одредено време. Ова е заедничко патување на пријатели во одржлив и неповратен процес – рече Радев.

Претседателот Де Соуза рече дека европски земји имаат „различни точки по прашањето за проширувањето“.

– Португалија не сака да има предрасуди по ова прашање, ние го поддржуваме процесот на проширување на Европа. Во однос на Западен Балкан, ние ја знаеме историјата, знаеме дека прашањето е чувствително. Португалија е за постојан дијалог, без комплекси околу проширувањето. Се восхитуваме на напорите за дијалог помеѓу Бугарија и РМакедонија. Ние поддржуваме конкретни чекори за поддршка на дијалогот, бучавата не помага, туку попречува – рече претседателот на Португалија.

Документ што се движи по „црвените линии“

Јавноста не е запознаена со содржината на португалскиот предлог, а државниот врв го оцени како „документ што се движел по црвените линии, но не ги пречекорил и кој водел сметка за двете страни“. Се очекува до ЕУ-самитот на 22 јуни Скопје и Софија да водат поинтензивен дијалог за предлогот, но и за патоказот што Софија го бара од Скопје и за кој инсистира да биде прикачен на преговарачката рамка.

За аналитичарот Благојче Атанасоски европскиот притисок врз Бугарија во овој момент е многу симптоматичен, затоа што сега е крајот на португалското претседателство и во моментов во Софија има техничка влада назначена од претседателот Радев.

– Штом германското претседателство не успеа со притисок да се вразуми Бугарија да не стави вето, тогаш на челниците на ЕУ им е јасно дека при новата политичка влада во Бугарија ќе биде уште потешко. Не сум оптимист дека на јунскиот самит ќе биде тргнато ветото, бидејќи изјавите на бугарските власти сѐ уште се многу цврсти. Но, и да се дојде до некој договор за отпочнување на преговорите со некакви наши гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство, тоа не значи дека во иднина, при отворање на поглавјата ќе немаме ситуации кога Бугарија ќе се закани или ќе употреби вето. Ситуацијата е многу комплексна и непредвидлива како ќе се одвиваат во иднина нашите европерспективи, но јасно е дека евроскептицизмот ќе расте – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Меркел ги поддржала бугарските барања, Рот не се согласил

Германската канцеларка Ангела Меркел го прифатила предлогот бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка за Македонија, но на тоа се спротивставил државниот министер за Европа Михаел Рот, открива европратеникот од Бугарија Андреј Ковачев, во интервју за агенцијата Фокус.

– Се разбира, токму тоа е решението, но за жал тогаш Михаел Рот не се согласи. Не беше пречка Германија, туку одреден нејзин човек, од нејзиното Претседателство. Не сакам да влегувам во повеќе детали, но, тоа е решението, патоказ со јасни гаранции, што ќе биде во преговарачката рамка – вели Ковачев.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •