јуни 20, 2021

ЕУ стравува дека Русија може да ја „голтне“ Белорусија

Членките на Европската Унија одржале таен затворен состанок на кој разговарале за опасноста Москва да ја искористи политичката ситуација за да ја припои Белорусија.

Самитот бил одржан само 24 часа по инцидентот со принудното слетување во Минск на авионот на Рајанер во кој бил белорускиот опозициски активист Роман Проташевич.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го одржал состанокот затворен за јавноста. На учесниците на состанокот им забранил да носат мобилни телефони, за информацијата да не стигне во јавност. Сепак, информацијата стигна до медиумите, пишува шпанскиот весник Паис.

ЕУ е уверена дека претседателот на Русија Владимир Путин ќе ја искористи сè поголемата изолација на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел е еден од првите кои спомнал дека ризикот од она што се случи во Минск „ќе му пружи прилика на Путин, случајно или намерно, да го забрза планот за преземање на Белорусија и контрола врз неа“.

Претходно портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека не се водат разговори за обединување на Русија и Белорусија.

Шпанскиот весник пишува и дека во ЕУ се размислува за две опции за да го спречи ова сценарио – или да ја заинтересира Русија со предлог за заемно политичко разбирање и економска соработка или да ги засили тензиите.

Според информациите на весникот, планот на ЕУ бил усогласен минатата недела. Во Европската Унија сметаат дека предлогот за соработка ќе помогне да се надминат судирите кои постојат веќе седум години, меѓутоа, доколку тоа не помине, тогаш ќе се придвижи „спирала на санкции“, која би можела да ѝ нанесе дополнителна штета на руската економија.

Паис додава дека овие предлози ќе бидат разгледани на следниот самит на блокот на крајот на јуни.

Претходно Брисел ја соопшти одлуката да ја изолира Белорусија. ЕУ соопшти дека нема да им дозволи прелетување на белоруските авиони и пристап до европските аеродроми. Државите членки повикаа и на воведување нови економски санкции на Минск.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •