октомври 22, 2021

Бектеши: Откриени неправилности кај три компании за увоз на мазут

Кај три компании се утврдени неправилности во делот на исполнување на стандардите за увоз на мазут и веќе се вратени неколку цистерни со мазут од страна на Царинска управа за неисполнување на стандардот согласно Правилникот за квалитет на горивата, но не во делот на сулфурот, туку во другите параметри.

Ова го изјави министерот за економија, Крешник Бектеши во гостувањето на Топ Тема на Телма Телевизија.

Министерот информираше дека утре е крајниот рок кој го имаат надлежните институции да достават податоци за информацијата која што беше објавена за увоз на сомнителен мазут во земјата.

Откако овие информации ќе ги разгледа Владата и јавноста ќе биде информирана, доколку се утврдат злоупотреби ќе бидат информирани и надлежните органи на прогонот.

Од вчера Државниот пазарен инспекторат и државната мобилна лабораторија на Бирото за метрологија започнаа вонредни контроли за квалитетот на течните горива.

-Вчера беа направени вонредни контроли кај пет компании за горивата кои ги користат. Не можам да кажувам имиња, но станува збор за најголемите компании во земјата, кои покриваат 80 проценти од пазарот со нафтени деривати во нашата држава, кажа Бектеши.

Се планираат контроли во сите десет компании кои што работат со трговија на нафтени деривати, а имаат над 300 бензински пумпи.

-Лабораторијата е во функција и граѓаните ќе знаат за квалитетот на течните горива од бензинските пумпи од каде што купуваат. Ние како Влада сме обврзани да им овозможиме на институциите да работат согласно нивните потреби, а тоа е независната мобилна лабораторија, која нема да биде селективна, рече Бектеши.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •