август 5, 2021

УНЕСКО ГО ОБЈАВИ ИЗВЕШТАЈОТ: ОХРИДСКИОТ РЕГИОН Е РАНЛИВ И ГИ ИСПОЛНУВА УСЛОВИТЕ ЗА ВПИШУВАЊЕ НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ (ВИДЕО)

Втора препорака охридскиот регион да биде ставен на листата на светско наследство во опасност адресира УНЕСКО и во најновиот извештај изработен врз база на мониторингот кој реактивната мисија го направи во јануари минатата година.

„Мисијата заклучува дека активностите зададени во 2017 не се исполнети како би се надминале ранливоста и заканите кои беа идентификувани, постепената ерозија на атрибутите не беше сопрена, се појавуваат нови проекти и планови кои го загрозуваат доброто и дојдовме до сознанија за нови закани. Евидентно е дека, како резулат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, доброто е со висок степен на ранливост. Сето тоа доведе до нессодветни интервенции, негативни ефекти врз градското планирање, предлози за проекти од големи размери што резултира во сериозно влошување на состојбата на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж и клучните атрибути на исклучителната универзална вредност (ИУВ). Со тоа, доброто (Светското наследство на Охридскиот Регион) ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност” – стои во најновиот извештајот на УНЕСКО.

Критики за ваквиот старо – нов исход упатуваат и од граѓанската иницијатива “Охрид СОС”.

„Пред две години од Баку, властите, државни и локални, се пофалија дека го спасија светското наследство, но наместо тоа на терен само ги манифестираа(т) своите алчни коруптивни апетити за грабање и ништење. Ова скапо купено време го платија со плус две години деградација на Охридското Езеро, Галичица, брегот, живиот свет… Конечно, маските се симнати и можеме да го видиме вистинското лице на носителите на јавни функции. Центарот за светско наследство констатира дека „постоечките и планирани модификации и урбанизацијата ја интензивираат и онака ранливата состојба (на регионот) кон точката од кадешто нема враќање“ – пишуваат од Охрид СОС.

Локалната власт пак останува на ставот дека работи интензивно на спроведување на препораките на УНЕСКО и дека евентуалното ставање на листата на наследство во опасност не е национална трагедија. Уривањето на дивоградбите на плажите е доказ дека се работи на имплементација на Планот за управување со регионот потенциираат од општина Охрид.

Извор: Тв 24

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •