јуни 21, 2021

Одбраната на Мијалков: Љубе Бошковски три пати зел пари за кампања, ни на сопругата не ѝ се пожалил за тортура, туку ја смислил подоцна

Според доказите на одбраната на Мијалков, БЈБ како дел од МВР, а не УБК единствено можела и била овластена да ја планира, организира и врши акцијата за лишување од слобода на Бошковски онака како што е преземена.

Љубе Бошковски три пати зел пари и бил фатен со парите третиот пат. Тој самиот одлучувал кога и каде ќе ги земе парите. Бил предмет на спроведување на ПИ мерки поради сомневање дека ќе го изврши кривичното дело кое го подготвувал. Согласност за употреба на единицата Алфа при апсењето дала БЈБ, а не УБК каде директор бил Сашо Мијалков. Ова се дел од заклучоците во завршните зборови на одрбаната на Мијалков изречени денеска во рамки на предметот „Тортура“.

– Каде, кога и како тоа ќе го стори, доколку би донел одлука да го стори зависело од него. Тоа однапред не го знаел па дури ни тимот задолжен за негово документирање (доколку го стори), а посебно не Мијалков, другите обвинети или другите вработени во БЈБ кои се задолжени за откривање на извршители на кривични дела. За тоа колку време би било потребно да се преземе акција откако се дознае одлуката на Бошковски да го изврши, до неговото извршување (ако биде) повторно зависело од одлуките на Бошковски. Според тоа, неспорно за сите е дека Бошковски е тој кој го определил времето и местото кога и каде ќе бидат преземени мерки за почеток на акцијата за негово лишување од слобода, колку таа ќе трае односно каква ќе биде одлуката на тие кои ја водат, колку и кои ресурси ќе се употребат – рекоа денеска адвокатите на Сашо Мијалков во завршните зборови од предметот „Тортура“.

Според нивните докази, БЈБ како дел од МВР, а не УБК единствено можела и била овластена да ја планира, организира и врши акцијата за лишување од слобода на Бошковски онака како што е преземена. Одбраната наведе дека за тоа доказ е утврдената хиерархија на делот од МВР во која припаѓа единицата Алфа, за која во БЈБ е одлучено да го реализира лишувањето од слобода на сторителот на делото.

– Тоа значи, било апсолутно невозможно единицата Алфа да биде командувана од УБК, неговите раководни лица или Мијалков. Така е затоа што за сите активности за кои била ангажирана, било задолжително одобрение и добиена согласност од началникот на СВР Скопје Апостол Стојановски. Сведок кој Јавното обивнителство, иако ја знаел неговата позиција и улога во одлучувањето за употребата на единицата, во текот на истрагата воопшто не го сослушал. Не го сослушал за да дознае и биде на чисто, кој побарал согласност од него единицата да се употреби при лишувањето од слобода на Бошковски, дали тоа е Мијалков или некој друг од УБК, а ако е друг, кој. Зошто обвинителот не кажа? – може само да се претпостави – рече одбраната на Мијалков.

Сведокот Апостол Стојановски е сослушан на предлог на одбраната. Тој кажал дека тој дал согласност за употреба на единицата Алфа како логистика на БЈБ, по барање на Одделението за организиран криминал. Веднаш го упатил нејзиниот командант, обвинетиот Анчевски во одделот за организиран криминал во МВР да прими задача.

– Доказите потврдија дека акцијата ја воделе, планирале и во неа учествувале и извршиле исклучиво вработени во БЈБ и во неа учествувале според наводите на ЈО – 25 полициски службеници. Потврдија каде е преземена, по чија наредба, кој и што непосредно презел при и по лишувањето од слобода на Бошковски. Потврдија кои сѐ институции и органи презеле дејствија по барање од некого или службена должност во правец на тоа да се утврди дали обвинетите или било кој учесник во акцијата за лишување на сторителот на кривичното дело, презел дејствија со кои наводно се прекршени процедурите и правилата на постапување или содржат елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност. Бидејќи тие докази не потврдија никакво учество на Мијалков во наводно планирање на таа акција или дејствија на било какво поттикнување на било кого како таа да се врши или што да се употреби при лишувањето од слобода на сторителот на делото, ЈО на долго и на широко и по свое наоѓање наведе низа свои претпоставки. Претпоставки засновани врз строго селектирани податоци и одбрани со единствена цел да ја потврдат неговата теорија на случај – дека Мијалков и другите обвинети ги сториле кривичните дела за кои се обвинети. Во тој (да го именувам занес на ЈО за широк опис на причините зошто смета дека е вистина тоа што го тврди), заборава дека и тој, како и судот е должен да преземе сѐ за да се утврди вистината. Заборава дека товарот на докажувањето е негов, а не на обвинетите. Така е затоа што во два наврата во завршниот збор тврди – дека обвинетите за она што ги обвинува се виновни затоа што не дале докази дека не се виновни. Заборава дека докази за тоа можел и бил должен да ги прибави уште во истрагата и пред тоа, но заради причини кои тој ги знае не ги прибавил. Не може а да не се толкува дека не ги прибавил намерно затоа што потврдуваат дека никој од обвинетите не сторил никакво кривично дело – рекоа адвокатите на Мијалков.

Тие наведоа дека Бошковски, кој како што самиот кажал, бил свесен за нечовечкото и сурово однесување кон него при лишувањето од слобода при што му се нанесени и видливи повреди на главата, иако можел, намерно не ги кажал и не посочил на никого.

– Јасно е дека така постапил затоа што никој кон него не ги презел или извршил. Јасно е дека токму затоа за нивното наводно постоење не кажал и соопштил не само на неговиот бранител – кој исто така бил поранешен министер за внатрешни работи, дежурниот полициски службеник кој го примил во Полициска станица, самиот не ги навел како забелешка во писмениот документ сочинет за неговиот прием во станицата, судијата кој истиот ден му го определил притворот, било кој од затворската управа и лекарот во затворот каде е примен. Не ѝ ги кажал веднаш ни на неговата сопруга кога била во полиција во присуство на неговиот бранител. Заклучокот е – неспорно е потврдено дека ни ЈО не може, а да не заклучи дека Бошковски за некакво нечовечко однесување кон него не кажал затоа што не се случило. Не кажал затоа што подоцна го смислил. Не кажал затоа што не се случило кога е лишен од слобода и дека, никој во ни еден момент спрема него не презел ништо што е спротивно на правилата или доколку се преземени било какви мерки на присилба или примена на сила за тоа постоела оправдана причина. Факт потврден од сите кои подоцна го испитувале постапувањето на полициските службеници кои ја спровеле и учествувале во акцијата – заклучи одбраната.

Адвокатите на Мијалков велат дека Бошковски е лишен од слобода на јавно место, фатен како земал пари за себе.

– Ден и место кога за себе зел 100.000 евра по трет пат (прв пат 10.000 евра, втор пат 20.000 евра) го определил тој и никој друг. Пари кои за негова несреќа многу луѓе ги виделе, но го виделе и обидот да се ослободи од нив како доказ откако добил наредба „стој полиција“. Наредба по која сфатил дека е откриен и фатен при извршување на кривично дело. Наредба по која почнал да бега и ги фрлил парите заедно со кесата неколку метра од него – на другата страна од неговото возило, со цел да не му бидат фатени во рацете, а не како што тврди исказот, дека едноставно ја испуштил слободно да падне кога ги подигнал рацете над главата на командата „стој полиција“, како доказ и наредба чие непочитување, заедно со одбивањето веднаш да му бидат ставени лисици на рацете е класичен пример за давање на активен отпор кој дава за право да се примени средство на принуда и во легната положба. Обид, кој за негова несреќа не успеал затоа што хартиената кеса со пари се скинала и парите се растуриле на јавниот паркинг така што секој можел да ги види. Причина поради која ни тој ни никој друг подоцна, никогаш не може да тврди дека му се подметнати. Обид кој претставува школски пример за давање отпор при лишување од слобода кој оправдува апсење на земја и преземање мерки за присилба заради доведување во послушност. Факти кои неспорно го потврдуваат тоа што од претходно се знаело – дека Бошковски е личност на која не може да ѝ се верува затоа што зборува невистини, склон е да кажува полувистини и измислува настани кои не се случиле – рекоа адвокатите.

Тие тврдат дека делото за кое Бошковски е осуден и поради кое било лишувањето од слобода, го извршил во три наврати.

– Невозможно е да се тврди дека некој е местен три пати, а притоа парите да ги става во џеб и местењето да не го пријави уште првиот пат. Документирано аудио и видео и докажано е дека тој нелегално, свесно три пати зел пари во кеш и на тој начин ја финансирал предизборната кампања. Оттука, Бошковски за да се „испере“ себеси и да го оттргне срамот за делото кое го сторил, и бил фатен на лице место со парите во рака, инсинуира дека бил наместен. Нешто поради што пател психички – додаде одбраната на Мијалков.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •