јуни 6, 2023

Националниот парк „Галичица“ има над две илјади дивоградби!

Во Националниот парк „Галичица” евидентирани се 2.321 објекти за кои тече постапката за легализација, изјавија за МКД.мк од Општина Охрид. Тоа е бројка која зачудува бидејќи станува збор за „Галичица”, делот кој не само што е национален парк, туку е и под заштита на УНЕСКО.

На почетокот како вовед, што претставува Галичица?

„Галичица” е прогласена за национален парк во 1958 година, опфаќа дел од планинскиот масив на Галичица и делови од охридското и преспанското крајбрежје, како и островот Голем Град во Преспанското Езеро. Нуди единствен поглед на двете езера, Националниот парк има над 1,5 милиони посетители годишно, изобилува со ретка флора и фауна, 3.279 животински видови, и 1.644 видови на пеперутки. Дел од овој жив свет живее само тука и никаде на друго место во светот. Околу две третини од Паркот е вклучен во границите на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион, впишано на листата на Светско културно и природно наследство на УНЕСКО. Од големиот број културно-историски споменици на територијата на Паркот позначајни се: манастирот „Св. Наум”, црквата „Св. Богородица Захумска”, археолошките наоѓалишта на островот Голем Град и многу други.

Kој и како успеал да се охрабри и да гради без дозвола таму, во таква светска природна реткост, е отворено прашање, кое се актуелизира откако беше донесен нов закон за легализација на бесправните објекти, кој не го потпиша шефот на државата, но за кој повторно се најавува дека ќе расправа парламентот. Можно ли е урбаното безаконие да го загрози статусот на „Галичица”, а воедно да се загрози и статусот на целиот Охридски регион под заштитата на УНЕСКО. Не помалку битно, во постапка се 414 објекти евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро.

Од oпштинатa велат дека Националниот парк „Галичица” за 29 бесправно изградени објекти има поднесено пријави.

Директорот на Националниот парк Андон Бојаџи за МКД.мк вели дека од Општина Охрид до Националниот парк, од сите барања за легализација за објекти или за други видови градби во границите на Паркот, пристигнати се 480 барања за давање мислење од страна на установата со која тој раководи.

Тоа што за Бојаџи е исто така битно, покрај тоа дали станува збор за бесправни градби, е дали се работи за куќи во кои живее локално население, или за викендички. Има примери кога локалното население доизградило потрковје, гаража, настрешница, тоа не се сериозни проблеми за Галичица. Но, нагласува, најбитно е дали со дивоградбата е узурпирано и државно земјиште, за викендичка, или што е уште пострашно, за комерцијален објект, па дури има и хотели – дивоградба.

„За мене е крајно недозволиво државата некому да му одобри легализација на дивоградба, па уште изградена на државно земјиште и уште да плати за тоа ниска сума на пари како што тоа го имаше предвидено законот. Ем дивоградба, ем на државно земјиште, а да не спомнувам и дека се работи за Национален парк под заштитата на УНЕСКО. И навистина, голем е бројот на објекти каде е узурпирано земјиште во сопственост на државата”, вели Бојаџи и нагласува дека урбанизацијата е проблемот број еден за статусот на Галичица.

Сепак, Националниот парк практично нема надлежност да ги реши овие проблеми. Чуварот може само да забележи дека се гради бесправно, тој оди да праша кој е инвеститорот, најчесто не му даваат одговор, а чуварот не е лице кое може да се легитимира и да бара документација. Сапак, тој составува записник со констатација дека се гради на диво, директорот изготвува извештај со заклучоци и препораки како да постапи Националниот парк и потоа бара инспекциски увид да спроведат општината Охрид или Ресен.

„Националниот парк е ‘тужибаба’. Само пријавуваме, а друга институција треба да постапи. Бидејќи обично станува збор за државен имот на трајно користење на Националниот парк, се обраќаме до јавниот правобранител, за да го заштити имотот на Паркот и на државата, но и препорачувам да поднесе пријава до јавното обвинителство бидејќи се работи за кривично дело дефинирано во Кривичниот законик. Во некои чувствителни случаи како што имаме примери во Трпејца, каде имаме строго заштитен режим на управување, барам Националниот парк да се обрати до МВР за да се обезбедат докази, бидејќи се сомневаме за криминал и корупција”, вели Бојаџи.

Тој додава дека има примери кога и катастарски на некое лице му е впишан објект иако земјиштето е сопственост на државата што е утврдено и со инспекциски наод. Тоа не е ништо друго туку криминал, постојат спреги, вели Бојаџи.

Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина за МКД.мк вели дека Инспекторатот нема надлежност да интервенира, но дека како член на Комисија за управување со УНЕСКО и како загрижени граѓани се обидуваат да помогнат со координирање на институциите за да се укаже не само на дивоградбите и нивното влијание врз животната средина и статусот на Националниот парк, туку и на криминалната спрега кога се прават обиди да се легализираат и комерцијални објекти, што е во спротивност на образложението на законот – да им се помогне на граѓаните кои не се имотно моќни.

Петровска притоа потсетува на еден пример каде и лично се заложила откако ренџерската служба на „Галичица” евидентирала три градби од комерцијален карактер.

„Алармирана беше Комисијата за управување со УНЕСКО и инспекцијата, направив состанок со Министерството за внатрешни работи и од министерот добив поддршка да се побара општината со градежна инспекција да утврди дека објектите се започнати во септември 2020, а не до 2011 година. Како резултат на тоа се поднесени кривични пријави против три лица кои градат кај Трпејца”, вели Петровска.

Има дубиози, откако тој што бесправно започнал да гради, градежната инспекција да не излегува на терен, сметајќи дека е доставено барање за легализација, што е апсурдно, уште повеќе ако се земе предвид за новите дивоградби. Петровска вели дека постојат можности за проверка, можности има и преку Гугл мапа да се утврди дали некоја дивоградба ја опфаќа законот, или градењето почнало подоцна, а пријавеното време, дури и заверено на нотар, е лажно.

Инаку, Законот за легализација беше донесен во 2011 година, но потоа беше надоградуван со продолжување на роковите, а крајниот рок е годинава. Затоа, велат правните експерти, се брзаше годинава со новиот закон кој е сега даден на јавна расправа, да се продолжи важењето на стариот закон бидејќи во меѓувреме се продолжило со градење на диво со заобиколување на законот, па се граделе и луксузни објекти, базени и слично, што не може да е дело на сиромашните граѓани кон кои, цели законот, како што тоа беше образложено од владиниот врв.

Со оглед на тоа што во новиот закон кој не доби виза од претседателот Стево Пендаровски, улога да даде или не согласност за легализација на дивоградби кога станува збор за национални паркови и заштитени зони доби Министерството за животна средина и просторно плaнирање.

Поставивме и до нив прашање. Во одговорот за МКД.мк се вели дека Министерството во своето мислење за овој закон инсистирало „да се изземат бесправно изградените објекти во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Светското и културно наследство согласно Конвенцијата за заштита на светското и културно наследство на ООН (УНЕСКО)”.

Министерството притоа, со цел да се обезбеди посилен степен на заштита, побарало во член 18, став 1 зборот „мислење” да се замени со „согласност” на владиниот ресор за животна средина кога станува збор за бесправно изградените објекти во границите на заштитеното подрачје – во строгоприроден резерват, национален парк, споменик на природата, парк на природата, заштитен предел или повеќенаменско подрачје во заштитен крајбрежен појас на природни и вешташки езера и речни корита како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење.

„Во давање на мислење/согласност строго ќе се почитуваат законските одредби од Законот за природа и зонирањето на заштитените подрачја, но и обврските согласно меѓународните конвенци”, изјавија од Министерството за животна средина и нагласија дека Министерството за транспорт и врски и единиците на локалната самоуправа (општините) се надлежните органи кои издаваат решание за утврдување на правен статаус на бесправно изграден објект согласно претходно доставено мислење од Министерството за животна средина.

Што се однесува до регионот што го опфаќа Општината Охрид, добивме податоци дека во постапка се барања за добивање на правен статус на 11.536 објекти, а 102 барања се препратени или ќе бидат препратени во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

„Во Општина Охрид до октомври 2019 година се евидентирани 15.700 барања за добивање правен статус на 19.624 објекти во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Од нив 11.059 барања биле за објекти со намена А1-семејни куќи, 420 со намена А2-станбени згради, 28 за намена А4-1 хотели, 3.759 барања за помошни објекти и 279 барања за земјоделски објекти. Од нив одобрени се барања за 5.645 објекти, а одбиени се барањата за 2.432 објекти. 2.414 барања биле доставени без потребната документација или истите биле повлечени”, одговорија за МКД.мк од општината.

Галичица и Охридскиот регион, како светско богатство, се во опасност. Уште повеќе ако продолжи бесправното градење и загрозување на живиот свет и на самите езера.

За авторот

Сподели