јуни 19, 2021

Заев за Рашковски: Набавките на софтверите се кристално чисти!

Рашковски ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда. И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки, вели премиерот Зоран Заев во интервју за неделникот „Фокус“ во врска со случајот со поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

„И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи“, вели Заев за „Фокус“ и се согласува дека неговото мислење не го обврзува Судот.

На прашањето дали тоа значи дека не му верува на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Заев одговара:

„Апсолутно не им верувам и за овој, како и за многу други предмети, вклучувајќи и предмети за опозиционерите, кога директно кажав дека тие не се организатори на настаните од 27 април. Бев повикан како сведок на Обвинителството и кажав дека таа (Русковска н.з.) не е во право. Тоа е мое сведочење за овој предмет во кој бев еден од главните таргети во овој случај. Така што јас не морам да се согласам со неа и со тоа што таа го тврди. Сум имал спротивни ставови околу притворите за Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кога кажав дека притворот не смее да биде казна, туку само обезбедување присуство. Секој што се огрешил од законот треба да одговара. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен и изземен, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, кој важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли“, вели Заев за „Фокус“.

На прашањето дека сепак на крајот последниот збор го имаат Обвинителството и Судот, премиерот Заев посочува:

„Пред фактите и Боговите молчат, ако победи аргументацијата на Обвинителството и на Судот, јас можам да не се согласувам, но ќе морам да се поклонам и да ја испочитувам“.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •