јуни 23, 2021

Белорусија приземји авион на Рајанер, ЕУ им воведе нови санкции

Авионот кој летал од Атина за Литванија принудно бил приземјен во Минск поради наводна закана со бомба

Европската Унија договори нови санкции за Белорусија откако таа викендов пренасочи авион кон Минск за да го уапси дисидентскиот новинар Роман Протасевич. На белоруските авиокомпании ќе им биде забрането да летаат кон ЕУ, чии авиони исто така нема да смеат да патуваат за Минск, а најавено е дека ќе се воведат и дополнителни економски санкции.

Дваесет и шестгодишниот Протасевич во неделата леташе од Атина за Литванија, кога авионот на „Рајанер“ беше пренасочен кон Белорусија поради наводна закана дека во авионот има бомба. Западните земји ја обвинија Белорусија дека го киднапирала авионот.

Се појави ново видео снимено по приведувањето на Протасевич на аеродромот во Минск, во кое тој вели дека е во добра здравствена состојба и ги признава криминалните дела за кои го обвинуваат белоруските власти, вклучувајќи поттикнување на масовни нереди, за што би можел да добие 15 години затвор. Таткото на Протасевич изјави дека тоа се изнудени зборови и стравува дека неговиот син би можел да биде мачен.

„Многу сум уплашен како властите ќе го третираат Роман. Се надеваме дека ќе издржи. Веруваме дека би можел да биде мачен и тепан, многу се плашиме од тоа. Вакво нешто не би смеело да се случува во срцето на Европа во 21. век“, изјави Дмитри Протасевич.

Протасевич беше уапсен заедно со својата девојка откако белоруски борбен авион му нареди на авионот на „Рајанер“ со 126 патници да се приземји. Белорусија е последната европска земја во која сè уште постои смртна казна и Протасевич наводно им рекол на некои патници дека стравува дека ќе биде убиен.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •