август 12, 2022

Mаксим Димитриевски вели дека функционери на СДСМ даваат лажни ветувања за Куманово

Самопрогласени кандидати и поединци на неколку месеци пред локалните избори кои треба да се одржат на есен, ја почнаа кампањата со промоција на нереални проекти и ветувања за граѓаните на Општина Куманово. Како дел од многубројните ветувања кои последните неколку месеци се споделуваат на социјалните мрежи од страна на партиски функционери се идејни решенија за реконструкција на Градскиот отворен базен во Куманово, Градски стадион, хотел Ку-Ба, комплексот „Вруќа Вода”, хотел Кристал, меѓу кои има проекти кои не се во надлежност на општината, реагира градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски.Тој на својот официјален Фејсбук профил ги осуди функционерите од СДСМ за давање лажни и нереални ветувања. Димитриевски вели дека вакви иницијативи се добредојдени, но во многу случаи ваквите анимации потсетуваат на периодот на Груевски кога пред секои избори ја исцртуваше виртуелно цела Македонија со безброј вакви идејни решенија кои сепак останаа само на анимации и платени политички програми во предизборието. „СДСМ отсекогаш била партија со реален пристап, со издржани и реални ветувања кон граѓаните и ваквите анимации се во моментов чиста апстракција и лична желба за самопромоција на поединци, ова е нереален пристап и сметам дека со ваквите обиди само се губи во очите на граѓаните. Бидејќи секогаш сум бил реалист и човек што не сака да дава лажни ветувања, а воедно ме боли за вистината, сакам да ја информирам јавноста дека до ден денеска никој се нема консултирано ниту со мене ниту со службите во општината за реализацијата на вакви капитални проекти ниту пак истите се составен дел на развојната програма и буџетот на општината 2021-2022 година. Едно се желбите, друго се можностите и реалноста”, пишува во реакцијата на Димитриевски. По две децении, вели тој, општината конечно ги врати во своја надлежност градскиот стадион, спортската сала, спортскиот комплекс Соколана и градското стрелиште, објекти кои се во лоша состојба, а добар дел од нив се и целосно урнати и уништени како што е случајот со стрелиштето, а реконструкцијата на сите овие спортски објекти ќе биде долг процес со големи финансиски трошоци по буџетот на општината кои во моментов ги немаат. „За реализација на капиталните проекти кои се промовираат со скапи 3Д анимации се потребни повеќе од 10 години, за што е дополнително потребно и целиот буџет на општината да се намени за истите, а притоа да не се инвестира во ништо друго.Во моментов во општина Куманово во тек е реконструкција на комплексот Соколана, проект кој го имплементираат заедно со Агенцијата за млади и спорт, паралелно е распишана постапка за замена на кровот на спортската сала и дополнително преку СИПР аплицирано е со проект за реконструкција на стариот градски парк во градот“, пишува Димитриевски и додава дека општината нема ниту една допирна точка ниту надлежност врз имотот на А.Д. Бисерка која е во стечај, а сите обиди на општината да се заврши стечајот кој трае повеќе од 20 години и заштити имотот на оваа фирма, но и на Житомел Куманово се игнорираат и не се постапува по нивните барања за обезбедување на тој имот додека надлежните молчат и не постапуваат.„Лесно е да се црта и да се даваат идеи, многу потешко е да се обезбедат средства и да се реализираат проектите. Како и да е, ќе продолжам на реален начин посветено заедно со мојот тим да ги решавам како и досега децениските комунални и други проблеми на кумановчани бидејќи за тоа ме избрале но секогаш реално, чесно и одговорно, а никогаш со лажни ветувања”, заклучува Димитриевски.  

Сподели