ноември 26, 2021

Условите за влез во Грција продолжени до 31 мај, сега може да се влезе и со тест за антитела

Правилата за влез во Грција воведени минатата седмица се продолжени до 31 мај, согласно новата министерска одлука што вчера стапи во сила. За патување во Грција задолжителен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест или алтернативно, потврда за прележан ковид-19, како и пополнет ПЛФ формулар.

За разлика од пред една недела, сега грчките власти признаваат и тест за антитела, но документот мора да биде на англиски, германски, француски или италијански јазик.

Кон Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно 6 до 22 часот по македонско време.

Најголемиот дел од патниците кои вчера се упатија кон Грција беа македонски и српски државјани. Речиси сите кои доаѓаат од Србија  имаат документ  за примени две дози вакцини, додека поголемиот дел од македонските граѓани границата ја минуваат со негативен ПЦР тест, но имаше и такви кои веќе го завршиле процесот на вакцинација.

Оние што влегуваат вакцинирани, треба да имаат поминати 14 дена од втората доза.

Граничниот премин Евзони кој беше затворен цели 14 месеци грчките власти го отворија минатата недела. Од тогаш па до денес преку овој премин влез во Грција оствариле околу 13.500 патници, што е далеку од периодот пред пандемијата со корона вирусот кога вакви бројки се регистрираа само за еден ден.

Сподели
 
 
 
   more