ноември 29, 2021

Предлогот не навлегува во нашите идентитетски прашања, оцени Заев по средбата со Силва и Вархеји

Предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот и не навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, оцени премиерот Зоран Заев кој заедно со заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретнаа со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји. По средбата снимија изјави и испратија соопштение до медиумите.

На средбата во Клуб на пратеници, Силва и Вархеји ги презентирале предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.

-Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Република Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија. Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ, изјави Заев.

Министерот за надворешни работи на Португалија, кој е придружуван од евокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во Скопје дојде од Софија каде што имаа средби со бугарскиот претседател Румен Радев и претставници на Владата, во обид да се тргне бугарското вето и да се овозможи Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Според првичните реакции во Бугарија, предлогот за нив е неприфатлив.

Сподели
 
 
 
   more