ноември 27, 2021

Вархеји и Силва денеска во Софија и Скопје во обид да и помогнат на Македонија во спорот со Бугарија

Денеска во посета на Софија и Скопје ќе пристигнат португалскиот шеф на дипломатијата Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот Оливер Вархеји. Како што се дознава Силва и Вархеји до двете страни ќе предложат идеи како да се надмине блокадата на Бугарија на евроинтегративните процеси на Македонија. Од друга страна пак, во Бугарија има само техничка влада која треба да ги спроведе новите избори на 11 јули, а нејзини претставници веќе изјавија дека нема да носат одлуки во однос на спорот со Македонија.

„Политиката е уметност и на невозможното. Доколку постои можност и некоја отвореност да се претстави ова прашање како техничко прашање за почетокот, со некоја форма на одложена примена и слично со одлагање на решавањето на дел од овие прашања можеби и постои подготвеност. Иако официјалните изјави кои што ги добивме од Софија воопшто не беа оптимистички“, изјави за ТВ 21 директорката на Институтот за европски политики Симонида Кацарска.

Пред пристигнувањето на Силва и Вархеји во Софија се јави и поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева: „Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања во Скопје ќе престане? Дали Република Македонија повеќе нема да ги прогонува своите граѓани со бугарска самосвест? Дали на граница нема да попречуваат влез на бугарски книги? Дали нема да ги попречуваат бугарските инвеститори? Дали ќе емитуваат бугарска телевизија? Дали ќе запрат со црната кампања против Бугарија низ цела Европа? Јас овие гаранции не ги видов“, коментира Захариева.

Таа вели дека предлогот кој во Софија ќе го донесат Силва и Вархеји, а со кој би се одблокирал пристапниот процес за Македонија, не ја задоволува рамковната позиција на Бугарија.

„Обидот за компромисен предлог е јавна тајна во Брисел и тој циркулира низ ходниците на Европската комисија и Советот. Се запознав со него и ќе си дозволам однапред да го коментирам. За жал, предлогот повторно не одговора на рамковната позиција на Бугарија, прифатена од Владата и едногласно усвоена во парламентот, бидејќи во него нема никакви гаранции дека нашите соседи ќе ги прифатат европските вредности“, коментира Захариева на Фејсбук.

„Ние го признаваме правото на самоопределување на граѓаните на Република Македонија, како и нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, но исто така е потребно е тие да го признаат нашето заедничко минато. Само тогаш ќе можеме да одиме заедно напред“, порачува Захариева.

Проценката кај многу земји членки на ЕУ е дека ако нема придвижување во јуни, процесот на проширувањето на ЕУ може да остане блокиран на подолг рок. Тоа, пак, оди на штета на кредибилитетот и интересите на ЕУ во регионот, а негативно влијае и на стабилноста и кревките демократии во државите од Западен Балкан.

Македонскиот премиер Зоран Заев вели дека од Силва и Вархеји очекува да соопштат решение на кое работат веќе пет-шест месеци, кое би довело до усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција.

Сподели
 
 
 
   more