ноември 26, 2021

Полицијата кај Стење заплени 65 килограми марихуана во вредност од 200 илјади евра

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во заедничка акција со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал заедно со Единицата за брзо распоредување и ОВР Ресен ги лиши од слобода К.К.(25), М.Ф. (28) и Ф.Б.(42), сите од Република Албанија.

Со акцијата е пресечен меѓународен канал на транспорт на наркотична дрога од Република Албанија, низ Република Македонија, а наменета за Република Грција, како крајна дестинација.

Од СВР-Битола информираат дека вчера во утринските часови, на регионалниот пат од Трпејца кон Стење, преку Националниот парк Галичица, биле сопрени две патнички возила, марка „мерцедес“, со албански регистарски ознаки, кои учествувале во вршењето транспорт на дрогата. При извршен преглед на возилата, од кои едното било управувано од К.К., каде како совозач бил М.Ф., а второто од Ф.Б., биле пронајдени и одземени 3 големи торби со марихуана, спакувана во 44 пакувања. Запленета е марихуана во количина од вкупно 65 килограми, со вредност од околу 200.000 евра.

Албанските државјани се приведени, а по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен, дрогата е предадена на вештачење, при што било утврдено дека станува збор за вкупно 65 килограми марихуана, а против трите лица ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Сподели
 
 
 
   more