октомври 22, 2021

Милановиќ: Членка на ЕУ „влегува во туѓо“, во интимниот простор на Македонија и јас на тоа ќе се спротивставам

Земја – членка на ЕУ влегува во интимниот простор на Република Македонија и јас на тоа отворено ќе се спротивставам, изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ по самитот, на Брдо-Бриони Процесот, во Брдо кај Крањ.

– Не се сите на исто ниво во напредокот на преговорите. Некои се понапред, некои се поназад. Република Македонија се наоѓа во една невозможна позиција. Тоа е тема, што воопшто не ја допревме на денешните разговори, ниту во текстот на заедничката декларација, ниту пак Македонците на тоа воопшто инсистираа. Се работи за условите кои им се поставени во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја во Македонија, рече Милановиќ.

Тој посочи дека и Словенија и Хрватска имале многу жив и динамичен однос, каде Словенија поставувала некои услови, но, како што рече, никогаш не чувствувал или гледал дека Словенија сака да и наштети на Хрватска или да ја понижи.

– Ова што сега една земја-членка на ЕУ и го прави на Република Македонија јас го нарекувам „влегување во туѓо“, односно влегување во интимниот простор. Да се бара од една земја кандидат, која е во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава, тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И, на тоа, отворено ќе се спротивставам, рече Милановиќ.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •