октомври 24, 2021

Или пат до Скопје или нема гласови на избори: Поречани почнуваат со блокади на патот кон „Јасен“

Жителите на поречкиот регион со граѓанска непослушност и протест ќе го изразат своето незадоволство од повеќедецениското нерешавање на прашањето за изградба на регионален пат помеѓу населените места во рамките на Општината Македонски Брод и Скопје. Одлуката ја соопштија преку граѓанските здруженија од тој регион. Протестот ќе биде со неколкучасовна блокада на регионалниот пат 1106 кон шумскиот резерват „Јасен“ и на патот од селото Нова Брезница до браната Козјак. Од Здружението Поречки средби велат дека досега во повеќе наврати поднеле барања до Владата, Генералниот секретаријат, премиерот, како и до ЈП за Државни патишта и до Министерството за транспорт, но проблемот не се решава. 

Објаснуваат дека од Скопје до Самоков сé уште се стигнува само низ резерватот Јасен и тоа во три тремини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по пат широк само 2,5 метри, и тоа по распоред од по 30 минути за еден правец. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 км преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај инаку гравитираат 45 села и 6 викенд населби.

„Ние жителите од Поречието се чувствуваме како граѓани од втор ред во државата и излегува дека ниту Владата, ниту институциите не водат сметка за интересите на граѓаните, што е всушност и нивна обврска и затоа се чувствуваме навредени од крајно игнорантскиот однос на институциите кон нас со години наназад. Токму затоa, очекуваме нашето барање да  биде најитно разгледано и прифатено на начин што изградбата на овој регионален пат ќе влезе во програмата на ЈП за Државни патишта уште во оваа година и во најкраток можен рок ќе започне изградбата на патот. Во спротивно ќе ја информираме јавноста за точниот термин на протестот, кој ќе биде уредно пријавен, а исто така најавуваме дека ќе  продолжиме со перманентно организирање протести, велат поречани.

Додаваат дека доколку се игнорира нивното барање за решавање на елементарната потреба на населението од овој регион,  жителите од Македонски Брод ќе ги бојкотираат претстојните локални избори закажани за октомври оваа година, со што ќе го изразат огромниот револт спрема Владата и инситуциите кои мораат, а немаат слух за реалните потреби на граѓаните во насока на подобрување на условите на живот и работа.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •