јуни 23, 2021

Ракета

Стефчо Негриески

Извозот расте, приходите во буџетот се над планираното, а долгот… За долгот, МОЛК!

Дебатата за долгот е некаде затскриена помеѓу големите успеси кои се соооштуваат на партиските собировки, а се пренесуваат на фејсбук. Политиката стана толку банална, што искрено да ви кажам, ми доаѓа да повратам. Ама, тоа беше и за очекување со појавата на фејсбукот и неговото освојување од страна на “политичарите”. Денес нема политичари, тие се “инфлуенсери”. А новинарите, па и тие ја прифатија оваа трка да се пренесе фејсбук – пост повеќе. На политичарите, секако. Пред избори пак ќе се дели некој колач од државното чекмеџе. А на фејсбук, што вели еден мој пријател, само убави приказни, чиниш сите живееме во рајот. Па кога си веќе “инфлуенсер”, на сликите ќе им ставиш и понекој филтер за да ги разубавиш.

Долго чекав да излезат податоците за долгот на крајот на првиот квартал од 2021. Во меѓувреме, Министерството за финансии на својата интернет страница објави фискален бројач, што искрено да ви кажам и не е лоша работа. Но, некако не му верував на истиот. Не дека таму бројките се нешто сјајни, ама сè ми се чинеше дека не ја покажува реалната состојба со буџетот и дефицитот. И испадна така.

И така драги мои, Заев и неговата Влада се возат на ракета, само што ние плаќаме за горивото. Во првите 3 месеци од 2021 година, Владата направила нов долг од фрапантни 691 милиони евра, или просечно по 230 милиони евра месечно, или дневно 7,7 милиони евра. Или, како процент од БДП, го зголемила долгот од 60,2 на 62,5%, со напомена дека износот на БДП треба секогаш да се земе со резерва. Никогаш во историјата на Македонија не е достигнат планираниот БДП, така што во реалноста овој процент е многу поголем.

Е сега, зошто погоре кажав дека фискалниот бројач лаже?! Ако ги погледнеме податоците на истиот, ќе видиме дека дефицитот заклучно со 12.05.2021 година, изнесува 232 милиони евра. Што значи ова? Ова значи дека Владата (читајте ние) има доспеан, а неплатен долг од фрапантни 459 милиони евра. Значи и уште нешто. Дали знаете колкав беше планираниот дефицит за оваа буџетска година? 540 милиони евра. А, ние за три месеци сме направиле долг од 691 милиони евра. Притоа, во првите 3 месеци немаше никакви мерки за помош на стопанството. Што не чека понатаму, може и сами да претпоставите, имајќи ги на ум локалните избори наесен.

Помина времето кога можеби “фајронт” во “Кафеаната” Македонија ќе не спасеше од вакво финансиско цунами. Сега, сè ми се чини, дека може само да ја чекаме ракетата (без гориво) да падне назад на земјата, како пред една недела кинеската.

Заев, “Ви хев а проблем”!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •