јуни 20, 2021

Бочварски август 2015: Штетна е легализацијата на дивоградбите, Бочварски 2021: За 50 илјади дивоградби мора да најдеме решение

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски синоќа на својот фејсбук профил наведе четири аргументи зошто е за законот легализација на дивоградбите чиј указ не го потпиша претседателот на државата Стево Пендаровски. Пред шест години, како опозиционер и претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ Бочварски за сличен ваков законски проект на тогаш владеачката ВМРО-ДПМНЕ изјави дека „на крајот од мандатот, власта на Груевски гледа да приграби сѐ што може“.

На својот фејсбук-профил вчера Бочварски напиоша дека целосно ги разбира коментарите против за законот за бесправно изградени објекти, но верува дека никој во државата не би се согласил со носење на закон за бесправно изградени објекти доколку такви објекти не постојат или доколку тие се во занемарливо мал број. „Но, денес сѐ уште постојат преку 50 илјади бесправно изградени објекти, објекти кои се реалност. Тоа во најголем дел се објекти на наши сограѓани кои успеале да изградат кров над глава, за себе и своето семејство… Прашањето кое е исправено пред нас е дали овие ‘50 илјади проблеми’ ќе ги ставиме под тепих или ќе бараме решенија?

Би сакал да ги потенцирам неколкуте значајни разлики помеѓу претходниот закон за бесправно изградени објекти кој многу често беше критикуван од наша страна и сегашното предлог законско решение:

1. Не се согласувам со членот во претходниот закон за бесправно изградени објекти каде што сумата на плаќање на надоместокот беше 1 евро за метар квадратен. Со тоа беа казнети оние кои редовно граделе и платиле 100 евра комунален надоместок (во зависност од општината во која се наоѓа објектот).

Со новиот закон за бесправно изградени објекти за ставање во правна рамка на одреден објект граѓаните треба да платат (100 евра плус 50% казнени пенали или 150 евра за метар квадратен). Со ова правиме притисок и ги одвраќаме граѓаните од ваквите постапки.

2. Дополнително во овој закон со посебен член се третира заштита на регионот кој е заштитен од УНЕСКО кој претставува природно и културно наследство.

3. Целосно ја елиминираме можноста за легализирање на објекти за колективно домување со намена А2. Нешто што во претходниот закон постоеше како можност.

4. На крајот, овој закон денеска се носеше во дебата со опозицијата и јавноста подолг временски период“.

Помлад за шест години, во август 2015 година Бочварски како истакнат член на тогаш опозициската СДСМ изјави дека владата на Груевски донела штетен и апсурден закон за постапување со бесправно изградени објекти. „Очигледно, на крајот од мандатот, власта на Груевски гледа да приграби сѐ што може. Владејачкото мнозинство експресно си изгласа можност за легализација на дивоградби што се изградени во крајбрежни заштитени подрачја, покрај природни и вештачки езера, речни корита и слично. За полесна легализација, со спорните измени е предвидено да се прескокнат локалните самоуправи и Министеството за животна средина. Само за неколку дена, власта на Груевски направи измени по скратена постапка на над 250 закони, меѓу кои и на Законот за постапување со бесправно изградените објекти. Само вчера беа направени измени на 120 закони по скратена постапка и сега е јасно зошто. Да се присвои сѐ што може пред враќањето на опозицијата во Собранието, која вакво насилие врз грбот на граѓаните нема да дозволи. Ова ќе предизвика големи штети врз природните богатства, но ќе се создаде и урбанистички хаос од кој за интересите на поединци ќе страдаат голем број граѓани“, рече тогаш Бочварски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •