октомври 22, 2021

Заев: Законот за дивоградбите се враќа во Собрание, инаку ќе треба да се рушат 50.000 објекти на граѓаните

Премиерот Зоран Заев вели дека не се откажува од носењето на Законот за легализација на дивоградбите. Откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот, законот повторно ќе се враќа во собраниска процедура.

-Законот ќе се врати во собраниска процедура и предвид ќе се земат сите околности, посебно околностите кои претседателот ги наговестува во причините за непотпишување, изјави денеска Заев.

Законот беше предложен од Владата кон крајот на 2019 на предлог на градоначалниците и на ЗЕЛС.

-Причината е едноставна, да се спасат 50 илјади градби на граѓани кои се под прагот на сиромаштијата и не можеле да ги легализираат своите објекти со претходните законски решенија, поради неможноста да ги платат своите геометриски елаборати и другите трошоци за легализација. Новина во законот е тоа што за сите приматели на социјална помош бесплатно ќе се изработат геометриски елаборати и бесплатно ќе се легализираат тие 50 илјади објекти. Секој друг објект, освен за примателите на социјална помош и на сиромашните, се дава можност да се легализира, колективните згради не, дополнително ќе плаќаат 50 посто поголем надоместок отколку што би платиле при редовно добивање одобрение за градба. Со ова, се испраќа порака дека е неисплатливо да се гради на диво, односно ова е последно носење закон со конечна цел да заврши бесправното градење што го имаме од независноста на државата, вели Заев.

Тој изјави дека ако законот не се врати во Собрание, веднаш ќе треба да почнат да се рушат овие 50 илјади објекти на граѓаните.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •