август 5, 2021

Силјановска Давкова: Дали со Законот за дивоградби ќе стимулираме моќници?

Значи, едни граѓани може да градат каде и кога сакаат, а други граѓани не. Со тоа не стимулираме владеење на правото, туку владеење на група на луѓе – вели Силјановска Давкова.

Пет пратеници гласаа против донесување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, а една од нив беше пратеничката Гордана Силјановска Давкова.

Во разговор за „МКД.мк.“ Силјановска вели дека нејзиниот глас „против“ не треба да се третира како „чудо“ бидејќи гласала како претставник на дел од народот и на своите гласачи, и дека гласа по свое лично убедување, како што и треба да биде пракса во демократско општество.

Потсетува дека не е член на партија, но како дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште при доставувањето на предлог-законот за бесправните објекти јасно ги предупредила колегите дека таков закон не е во согласност со правото.

– Многу ќе биде интересно да видиме дали претседателот на Македонија Стево Пендаровски ќе го потпише указот за прогласување на законот, односно дали во својата одлука ќе се поведе од владеењето на правото. Притоа, сакам да нагласам дека со донесувањето на законот е повреден членот 9 од Уставот кој гарантира еднаквост на граѓаните по сите основи, па ако сакате и според социјалниот статус. Со овој закон се утврдува селективна правда, а темелна вредност на уставниот поредок е владеење на правото. Значи, едни граѓани може да градат каде и кога сакаат, а други граѓани не. Со тоа не стимулираме владеење на правото, туку владеење на група на луѓе. Тоа што најмногу ме плаши е што се стимулира кршење на правото и се воспоставува селективна правда – вели Силјановска Давкова за „МКД.мк“.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •